Собранието „загадено“ со 24 декември

 

Осумедесеттата собраниска седница која денеска требаше да продолжи со расправата  по Информацијата за загадувањето во Скопје, поднесена од пратениците од опозицијата, со процедурални забелешки се претвори во расправа за случувањата од 24 декември минатата година.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Игор Ивановски пред да почне продолжението на седницата побара претседателот на Собранието Трајко Вељаноски да и се извини на јавноста и на граѓаните за тоа што, како што рече, со кршењето на Уставот преку незаконското носење на Буџетот и бркањето на новинарите и пратениците минатата година на овој ден, Македонија била ставена на столбот на срамот.

- Тој 24 декември не може и не смее да биде заборавен. Тогаш беа избркани новинари и претставници на народот, а Буџетот беше донесен во незаконска и неуставна постапка. Една година потоа не одговараа ниту нарачетелите, ниту извршителите. Затоа не нам, туку на јавноста и должите извинување, рече Ивановски во процедуралната забелешка.

Потребно е рече и едноминутно молчење, на кое побара да му се придружат и колегите од власта, за тој датум никогаш да не се заборави и да не се повтори.

- Едноминутно молчење е потребно за срамот што вие пратениците од опозицијата го направивте на македонската парламентарна демократија со тоа што ги малтретиравте своите колеги, не навредувавте, упатувавте пцости и погрдни зборови, не ни дозволувавте да дојдеме на своите работни места, не и дозволувавте на претседателката на Законодавно правната комисија Благородна Дулиќ да ја води седницата..., рече координаторката на ВМРО-ДПМНЕ Силвана Бонева реплицирајќи му на Ивановски.

Додаде дека како пратеници не требале го послушаат сценариото на Бранко Црвенковски, зашто, како што рече, тоа му била единствена можност преку тензии и недемократски средства да дојде на власт.

- Бевте марионети и игравте во театарот на Бранко Црвенковски. Тој правеше тензии надвор од Парламентот, а вие внатре, рече Бонева.

Ирази надеж дека од ланските случувања ќе биде извлечена поука и оти во иднина ниту еден пратеник нема да нападне и малтретира свои колеги, да нападне Претседател на Собрание и да уништвува инвентар. За тоа што мисли јавноста за овие настани, рече Бонева, го кажала на локалните избори што се одржаа по настаните од 24 декември.

По ова Ивановски во името на пратеничката група на СДСМ побара еден час пауза.

24.12.2013 - 12:58

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега