Таравари: Утре се очекуваат првичните резултати од истрагата за смртта на родилката во Куманово

 


Формирана е комисија која треба да утврди дали имало пропусти во случајот со починатата родилка во Куманово, а првичните информации ќе може да се очекуваат утре, изјави денеска министерот за здравство Арбен Таравари.

– Комисијата работи, нас ни требаат осум дена. Утре имаме прес – конференција 100 дена Влада, сигурно ќе имаме и првични информации. Чекаме и резултати од обдукцијата и ќе видиме. Не би сакал да шпекулирам, да почекаме уште неколку дена и ќе видиме дали имало лекарска грешка или не, истакна Таравари на новинарско прашање.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат, на 1 октомври изврши вонреден инспекциски надзор во Кумановската општа болница за случајот со починатата родилка.

Триесет и едногодишната родилка, која почина во Кумановската болница, при породување била во добра здравствена состојба и редовно се прегледувала кај матичниот гинеколог, покажа вонредниот инспекциски надзор. Надзорот кај матичниот гинеколог покажал дека родилката навремено се јавувала во текот на бременоста, правела редовни контроли, била во добра здравствена состојба при втора уредно контролирана бременост и немало отстапувања.

– Ден по приемот, на 27 септември поставена е индикација за породување и околу 15.00 часот отпочнало аплицирањето терапија за отпочнување на породувањето. Истата терапија повторно е дадена во 19:30 часот кога дошло до нагло влошување на здравствената состојба на родилката (во 19.40) после кое била итно спроведена во операциска сала и извршен царски од страна на дежурниот тим лекари (специјалист по гинекологија и акушерство, специјализант по гинекологија и акушерство и специјалист анестезиолог). Во 20:30 миннути изваден е плодот а во 20:45 минути е констатирана смрт на родилката од страна на анестезиолог, се вели во извештајот на Државниот здравствен и санитарен инспекторат.

Новороденчето се наоѓа на Детската клиника во Скопје и неговата состојба се следи. Од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија (ЈОРСМ), пак, ги чекаат потребните анализи од надлежните институции за утврдување на фактичката состојба.

03.10.2024 - 13:18

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега