Пожар во фурна во неготинско Криволак

Во ОВР – Неготино рано изутрина, во еден часот, пријавено било дека во неготинското село Криволак, настанал пожар во објект што се користел како фурна, информираат денеска од Секторот за внатрешни работи – Велес.

Пожарот во објектот, сопственост на М.И. од селото Криволак, изгаснат бил од екипа на Територијалната противпожарна единица – Неготино. Нема повредени лица, увид извршила увидна екипа од ОВР – Неготино.

Синоќа во 23.25 часот, полициски службеници од ОВР – Кавадарци ги лишиле од слобода Л.Д., 53-годишно лице, А.Д. на возраст од 25 години и М.Д., на 21-годишна возраст, сите од Кавадарци.

– По претходна пријава за нарушен јавен ред и мир со физичка пресметка помеѓу Л.Д. и А.Д., при преземање на службени дејствија од страна на полициски службеници, Л.Д., А.Д. и М.Д. ги нападнале полициските службеници. Лицата биле приведени во полициска станица и по документирање на настанот, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави, појаснуваат од СВР – Велес.

Претходно, пак, во 18.50 часот, полициски службеници од ОВР – Неготино го привеле 28-годишниот Е.М. од Неготинско, затоа што во дворот од семејната куќа физички го нападнал неговиот внук Б.М., на возраст од 18 години.

22.09.2024 - 13:12

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега