Груевски: Кина ни е потребна за соработка и финансирање големи проекти

 

Самитот меѓу земјите од Централна и Источна Европа што се одржа во Букурешт е важен бидејќи нам ни е потребна соработка со Кина, која е сериозен чинител во светската економија и особено во политиката, изјави премиерот Никола Груевски во интервју за романската национална новинска агенција АГЕРПРЕС.

Груевски вели дека Самитот е значаен бидејќи Кина е сериозен актер  во светската економија и што е уште поважно сериозен играч во политиката. Кинескиот солиден раст дава можност за зајакната соработка со земјите од ЦИЕ. Од друга страна ние сме земји на кои им е потребно таква соработка со толку моќна држава која може да финансира големи проекти, така што ова е вин-вин ситуација. Од тој аспект ова е мошне важен Самит. За загриженоста на Самитот вели дека Тоа се однесува на американските граѓани и тоа што тие мислат за моќта на Кина. Ние сакаме да имаме добра соработка на политички и економски план со САД и Кина, не би сакале да се ставаме помеѓу нив и затоа не би коментирал за тоа.

На прашањето какво е значењето на Самитот во Букурешт за деловните односи меѓу Македонија и Романија и меѓу Македонија и Кина Груевски одговара: - - Покрај пленарните средби, јас ја искористив оваа можност за билатерални разговори со премиерите на повеќе земји претставени овде. Меѓу другите, се сретнав и со романскиот премиер. Тоа беше добра средба на која се заложив за подобра соработка, особено во областа на економијата. Ние предложивме следната година во Скопје  да организираме форум за романски и македонски бизнисмени за остварување подобра комуникација меѓу нив. Постои потенцијал за многу подобра економска соработка. Покрај тоа, со Кина пред неколку недели потпишав два големи проекта за финансирање на два автопата со преференцијална камата од 2 процента. Нивната изградба ќе започне во февруари. Едниот е меѓу Кичево и Охрид. Охридското Езеро е најпознатата туристичка дестинација во Македонија. Автопатот ќе биде долг 50 километри. Вториот автопат кој исто така ќе биде во должина од 50 километри ќе го поврзе Скопје со најважниот град во источниот дел на земјата, Штип. Нивната вредност е околу 600 милиони евра со камата од 2 процента, грејс период од 5 години и период на враќање од 20 години.  Компанијата потпиша договор според кој работите ќе почнат на 20 февруари следната година, а работите треба да бидат завршени во рок од три години. Тоа е многу добар договор и ние сме многу задоволни. Во моментов разговараме за други можности. Разговараме за финансираwе на хидроелектрани како таа во Галиште, потоа за изградба на друг автопат помеѓу Кичево и Гостивар кој е исто така дел од патниот правец Скопје-Охрид, за можноста од развој на технолошко индустриски области во Македонија за привлекување специјализирани кинески компании кои покажале интерес за тоа, како и за други важни проекти кои се од интерес за двете страни кинеската и македонската.

 

 

20.12.2013 - 16:08

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега