Утре рано наутро почнува санацијата на градскиот водовод во Скопје, познато колку часа ќе нема вода
Утре, во раните утрински часови, ќе почнат активностите за санација и модернизација на главниот градски водовод, која се очекува да трае во следните 15 часа.
Од „Водовод“ информираа дека главна цел на овој оперативен план е подобрување на водоснабдувањето и притисокот во општините Ѓорче Петров и Карпош, со репарација на 6 сегменти, каде што во изминати децении се нотирани огромни загуби на вода.
Со затворање на главниот градски цевковод Ф 1600 мм, поради санација на 5 затворачи по должина на оваа линија, на потегот од кружниот тек во Ѓорче Петров до раскрсницата на булеварот Партизански одреди со улицата Никола Парапунов, ќе се изврши:
– замена на нефункционален затворач Ф 400 мм на кружниот тек во Ѓорче Петров;
– репарација на затворач Ф 600 мм на мостот „Обединети нации“, кој тече;
– заптивање на затворач Ф 700 мм на булеварот Партизански одреди, кој протекува, и замена на затвароч Ф 150, кој се наоѓа во истата шахта;
– санација на затворач Ф 700 мм и Ф 500 мм на улицата Никола Парапунов;
– замена на 4 водушни вентили.
Во согласност со оперативниот план за санација на затворачите на градската водоводна линија Ф 1600 мм, секторот „Водовод“ презеде многубројни оперативни активности за подготовка на луѓе, механизација, алат и пумпи.
Во процесот на активностите секторот „Водовод“ првично ќе направи проверка за исправноста на воздушните вентили, испусти и хидранти поставени по должината на цевководот Ф 1600 мм. По утврдувањето на состојбата и констатирање на нивната исправност, секторот „Водовод“ со екипи составени од 6 пункта, носители на работата, со обезбедена испомош на конкретни работници од други пунктови, ќе обезбеди сигурно празнење и полнење на системот.
Се апелира до сите јавни фактори да внимаваат во изнесувањето информации и да не предизвикуваат страв и паника кај граѓаните за неколкучасовното немање вода. Овој сериозен зафат, како што се додава, се презема за да се превенираат состојби на дефекти, како што се тие во Тетово, Битола, Штип и Неготино, каде што со денови и недели немаше вода поради несанирани дефекти.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа