Стефковски: Воведуваме два нови проекти со Црвениот крст- Итно копче и превоз за стари лица
Градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски на денешната средба со секретарот на Црвениот крст на Град Скопје Сузана Тунева Пауновска, договори отпочнување со реализација на два проекти и тоа Итно копче и превоз за стари лица и лица со попреченост.
За проектите, Стефковски информираше на својата официјална страна на фејсбук на која напиша:
Итно копче и посебен превоз за стари лица и лица со попреченост се два нови проекти на општина Гази Баба и Црвениот крст.
„На денешната средба со секретарот на Црвениот крст на Град Скопје, Сузана Тунева Пауновска договоривме започнување со реализација на два нови проекти за најранливите жители на општина Гази Баба.
Првиот проект е наречен Итно копче, е нова и иновативна услуга на Црвениот крст на град Скопје и истата веќе се практикува во повеќе европски земји со одличен резултат.
Станува збор за услуга која е достапна 24/7, а лицата ќе може да побараат помош преку притискање на само едно копче.
Корисникот на аларм-уредот има само обврска да го притисне копчето на уредот и да почекаат повик од страна на операторот од контакт центарот на Итно копче.
По воспоставување на контакт со корисникот, корисникот ги споделува информациите за тегобите со кои се соочува, а обученото лице/оператор му дава понатамошни насоки, а по потреба се испраќа тим за прва помош во нивниот дом. Доколку има потреба се обезбедува транспорт до соодветната установа/институција.
Вториот проект е посебен превоз за стари лица и лица со попреченост.
Посебниот превоз е наменет за лица, кои не се во можност, самостојно да обезбедат превоз за користење на здравствена, социјална, или друга административна услуга, заради:
• старост;
• болест;
• неможност или потешкотии, при самостојно движење;
• имаат потреба од придружник (негувател/личен асистент), врз основа на наод на стручно лице за потребата од користење на услуги во домот, поради здравствената состојба во која се наоѓаат, а се работи за неживотно загрозувачки ситуации.
Со поддршка на општина Гази Баба овие услуги ќе бидат поблиску до граѓаните“, известуваат од општината.
„За нив граѓанинот е на прво место“, напиша Стефковски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа