М-НАВ, за Ковачевски, е семејна фирма што вработува до трето колено: На претседателот на Синдикатот татко му работел таму и брат му работи таму

 

Покрај вчерашните предлози за разрешувања и именувања нови директори во М-НАВ по насилниот упад во контролната кула, премиерот Димитар Ковачевски денес објаснуваше зошто во компанијата иницирале и вонреден инспекциски надзор на работата на синдикатите. Синдикатот на контролотрите на летање ја услови Владата да го разреши раководоството поради незаконски вработувања и се закани дека ќе го затвори небото над Mакедонија доклку не се случат промени. По вчерашната одлука на Владата за разрешување двајца директори, Ковачевски вели дека вработените ја претвориле компанијата во семејна фирма, па и кавгите внатре им секако оние во семејствата.

„Прво, сметам дека таа фирма е станата како семејна. Кога ќе погледнете, има вработувани до трето колено. Кога ќе го земете претседателот на Синдикатот – татко му работел таму, тој работи таму, брат му работи таму. На крајот, тие станале како семејство во кое имаат конфликти, кои обично се случуваат дома меѓу домашните. Сметам дека треба да се испитаат, како што вели Европската Унија, начинот на кој ги прават конкурсите, начинот и критериумите на селекција на кандидатите и така натаму. Да не се случи некој кандидат да добива готови тестови, не знам, но сè тоа треба да се види бидејќи премногу случајности има во оваа организација, кои имплицираат дека можеби тие случајности и не се толку случајни“, рече премиерот Ковачевски по денешното свечено отворање на новата поликлиника во Сарај.

За вчерашното предлагање, па повлекување на предлогот Илир Мехмеди да биде директор на М-НАВ, Ковачевски вели дека било исклучиво професионално. Го повлекле предлогот за Мехмеди оти не ги исполнувал условите според статутот на М-НАВ.

„Кога ќе ги разгледате биографијата на Илир Мехмеди и работата во М-НАВ, како и на работата во цивилното воздухопловство, тогаш ќе видите дека се работи за исклучително искусен човек, кој управувал со такви институции. Со оглед на тоа што се случиле промени на статутот пред извесно време, пред четири години, точно во делот на М-НАВ, кои велат дека генерален директор мора да биде контролор. Имаше и други кандидати, кои беа разгледувани, се извршија и консултации со стручната фела. Во Владата нема ниеден контролор на летање од 21 министер колку што има. Врз основа на консултација и со стручната фела беше донесена одлука да му се препорача на надзорниот одбор овој кандидат со 25-годишно искуство да биде директор“, образложуваше Ковачевски.

Владата вчера попладне го повлече предлогот Мехмеди да биде директор на М-НАВ набргу откога во медиумите се појавија наодите на ревизорите од 2009 година, кои утврдија дека Мехмеди како директор на Управата за цивилна и воздушна пловидба на државна сметка ја прошетал сопругата во Мадрид, а на сметка на Управата направил и други приватни патувања.

Кога го повлече предлогот за Мехмеди, Владата на негово место го предложи Хакуран Асани. Тој и Милан Кораќ доаѓаат на местата на разрешените директори на М-НАВ, Фахрудин Хамиди и Љубе Стаменковски.

10.01.2024 - 13:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега