Нов закон за легализација на дивоградби во Собранието
Предлог закон за изменување и дополнување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, по скратена постапка, на предлог на пратеникот Скендер Реџепи е на дневен ред на 135. седница на Собранието закажана за 22 декември годинава.
Со законот што го предлага Реџепи, кој делува како независен пратеник и неодамна ја формираше партијата Народно движење, се менува рокот до кој на бесправните објекти кои се предмет на законот треба да се изведени градежните и инсталатерските работи во целост и да претставуваат градежна и функционална целина, односно се предлага да бидат опфатени дивоградбите изградени до крај на декември 2022 година. Исто така, се предлага и висината на надоместот која барателот треба да ја плати за стекнување со правен статус на бесправниот објект до и над 80 метри квадратни.
Висината на надоместот за уредување на градежно земјиште за делот од површината на бесправниот објект до 80 метри квадратни се зголемува за 50 проценти, а за делот што е над 80 метри квадратни за 100 проценти и се множи со површината на дивоградбата утврдена со геодетскиот елаборат за утврдување на фактичката состојба на бесправен објект.
Од Министерството за транспорт и врски за МИА изјавија дека до нив не е доставен предлогот за измени на законот и оти не можат да се произнесат. Истакнуваат и дека нема интерес за донесување на Предлог законот што на нивен предлог е доставен веќе две години во Собранието.
-До Министерството за транспорт и врски не е доставен предлогот на измените на законот и поради тоа не можеме да се произнесеме за овој предлог бидејќи на увид ги немаме измените. Потсетувaме декa речиси две години во Собранието поднесен е предлог Закон за постапување со бесправно изградени објекти доставен од страна на Министерството за транспорт и врски за кој нема интерес за негово донесување, изјавија од Министерството за транспорт.
Во Предлог законот поднесен од Реџепи се наведува дека во текот на 2022 година, на територијата на државава, според податоците на Државниот завод за статистика, регистрирани се 662 бесправно изградени објекти. Во зависност од видот на објектот, бесправно изградени се 111 објекти за домување, односно станбени згради, станбено - деловни згради и деловно - станбени згради и куќи за одмор (16,8 проценти), 101 доградба, надградба и адаптација (15,3 проценти), 58 деловни објекти (8.8 проценти), 94 гаражи (14.2 проценти), 125 огради (18,9 проценти), пет скалила (0.8 проценти), 19 тераси (2,9 проценти), шет летни тераси (0.8 проценти), 50 натстрешници (7,6 проценти), 15 времени објекти (2.3 проценти) и 79 помошни објекти (11,9 проценти).Најголем број бесправно изградени објекти (96,2 проценти) се во приватна сопственост.
- Иако во соопштенија на Државниот завод за ревизија од областа: Градежништво, за бесправно изградените објекти се даваат податоци за секоја година, сепак бројот на бесправно изградените објекти е многу поголем од објавениот, а некои истражувања даваат податок дека бројот на дивоградбите на територијата на цела држава изнесува околу 50.000 објекти. Оваа состојба сама по себе претставува сериозен проблем за државата и има повеќекратно негативно влијание врз целокупниот економскиот живот, а во истата како целна група се опфатени голем дел од населението, стои во Предлог законот.
Заклучно со март годинава, според податоците од Агенцијата за катастар на недвижности, во државава се легализирани 296 810 нелегално изградени објекти.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа