Груби: Би било добро жена да е технички премиер
Следната недела на лидерска средба во Собранието ќе се одлучи дефинитивно за датумот на изборите, вели вицепремиерот за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, на која, како што посочува, тој очекува со консензус да се потврди 8 мај како последен и најран термин и за претседателски и парламентарни избори со што ќе се остане во рамките на редовните избори.
Прашан за датумот за истовремено одржување на изборите, Груби рече дека тоа не е по барање на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, туку е нивна одлука, базирана, како што појасни, на расположението кај граѓаните.
- Ова е наша одлука, не е по барање на ВМРО-ДПМНЕ, ние видовме дека и граѓаните го очекуваат тоа, изборите да бидат заеднички за да не се трошат ни пари ни енергија на граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека имаат повеќе шанса да ги добијат изборите, со што не би се сложил. Ниту еден владин мандат за време на ВМРО-ДПМНЕ не беше целосно завршен, така што не е дека се грижат за буџетот или за барањата и очекувањата на граѓаните, вели Груби прашан за датумот за изборите во гостувањето во СТУДИО 10 на ТВ 24.
Груби оцени дека е трагедија тоа што ВМРО-ДПМНЕ не сака пржинска влада и смета дека тоа е навестување што ќе се случува ако победи ВМРО-ДПМНЕ во што тој, вели, не верува.
- Првиот Албанец премиер не беше условен со пржинската влада или техничката влада, туку тогашниот премиер Заев рече дека ќе се повлече од неговата позиција пред изборите за да овозможи фер политички натпревар. Пржинската влада е договор и непочитувањето на договори чинат мандати на политичките партии. И јас би предложил и би поддржал укинување на техничка влада, но тоа да почне да важи од следниот мандат и да продолжиме како сите нормални демократии, вели Груби.
Тој повтори дека нема да биде премиер во техничката влада, ниту ќе биде некој од актуелните министри од редовите на ДУИ. Подвлече дека точно знаат кој ќе биде, но оставаат тоа да го соопшти лидерот на ДУИ Али Ахмети по разговорите со коалициските партнери со кои треба да се договори и начинот на кој ќе настапат на следните избори.
-Би било добро да е дама, госпоѓа, па ќе видиме, може ќе се изненади јавноста пријатно, рече Груби, прашан дали за технички премиер може да очекуваме жена.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа