Неформална вечера во Атина: Лидерите од Западен Балкан и ЕУ го засилуваат партнерството за стабилност

 

 

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски во рамки на дводневната посета на Атина, вечерва присуствува на неформалната вечера која ја организира грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, по повод навршувањето на 20 години од Самитот ЕУ-Западен Балкан во Солун и „Солунската декларација“.

Покрај премиерот Ковачевски, на неформалната вечера присуствуваа претседателите на Европскиот совет, Шарл Мишел и на Европската комисија, Урсула Вон Дер Лејен, лидерите на земјите од Западен Балкан – српскиот претседател Александар Вучиќ, црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ, премиерката на Босна и Херцеговина Борјана Кришто и косовскиот премиер Албин Курти, како и премиерите од земји членки на ЕУ од регионот и пријатели на проширувањето – на Хрватска Андреј Пленковиќ, на Романија Јон- Марсел Чолаку и на Бугарија Николај Денков како и украинскиот претседател Володимир Зеленски и претседателката на Молдавија, Маја Санду.

Лидерите изразија силна поддршка и солидарност со украинскиот народ во нивната борба за враќање на слободата и потенцираа дека обединетоста околу враќањето на мирот е недвосмислена.

Во дискусијата на неформалната вечера лидерите од регионот разменија мислења за натамошниот тек на евроинтегративниот процес на земјите од Западен Балкан и беше истакнато дека Западен Балкан е од стратешка важност за Европската Унија, што ќе придонесе и за стабилност и просперитет не само на регионот туку и на Европа во целост.

Лидерите од регионот испратија порака дека како никогаш досега е потребна силна политичка поддршка за побрза интеграција на Западен Балкан во ЕУ.

Ценејќи ги вредностите на Европската Унија засновани на демократијата, владеењето на правото како и почитувањето на основните човекови права и слободи, земјите од Западен Балкан се фокусирани кон европската иднина. Како што стои и во Солунската декларација од пред две децении: „Европа ќе биде навистина обединета само откако сите земји во регионот ќе станат нејзин интегрален дел“.

На крајот од неформалната вечера лидерите усогласија заедничка декларација.

21.08.2023 - 23:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега