Три дечиња од Тетово заболени од свински грип - почитувајте ги овие препораки за да се спасите од компликации

 

Кај три деца на возраст од 13 години од Тетово е дијагностициран грип од типот А Х1Н1, со што и официјално е потврден почетокот на сезоната на грип во земјава, информира денеска Голубинка Бошевска од Интитутот за јавно здравје на Република Македонија.

Според неа, децата се амбулантски прегледани, а нивните примероци земени од екипите на тетовскиот Центар за јавно здравје биле испратени на анализа во лабораторијата на Институтот за јавно здравје на Република Македонија. Бошевска вели дека на анализа биле испратени примероци уште од три лица од Тетово кои имале симптоми на грип, но кај нив лабораториски не е потврдено присуство на грип.

- Во Европа бројот на анализирани случаи е многу мал. Од вкупниот број на пристигнати примероци во европските лаборатории 71 процент е инфлуенца А, 45 проценти е Х1Н1, 55 проценти е Х3Н2, а 29 отсто отпаѓа на инфлуенца Б, вели Бошевска, пренесува МИА.

Според Бошевска, и оваа година лабораторијата на Институтот успешно ги исполнила критериумите според ИСО-стандардот 15189 на Светската здравствена организација и повторно се стекнале со сертификат за акредитирана лабораторија која може да врши дијагностика на грип.

Благоја Алексовски од Институтот за јавно здравје вели дека просечно неделно регистрираат околу 60 новозаболени случаи и вкупно за овие 10 недели откако почна сезоната на грипот се регистрирани околу 432 случаи на грип во Македонија.

- Најмногу регистрирани случаи има во Скопје, Струмица, Тетово и Куманово, но тоа се релативни бројки бидејќи бројот на заболени веројатно е многу поголем со оглед на тоа што не се сите пријавени и регистрирани, вели Алексовски.

Грипот се шири преку воздух и прашина, во затворени простории, преку контакт со заболениот или поради нехигиена. Надлежните апелираат болните да не одат во училиште или на работа за да се избегнат сериозни компликации кои во некои случаи довеле и до смрт.

Се препорачува редовно миење на рацете, проветрување на затворените простории, избегнување на контакт со заболени лица, како и внесување храна богата со витамини, минерали, повеќе течности и физичка активност.

Според досегашните податоци, најголем дел од пациентите заболени од грип се лица над 18 години, а најголем морбитет има кај деца до 5 години.

Од Институтот апелираат до сите доктори и здравствени работници сите случаи да бидат пријавувани за детална анализа.

 

 

12.12.2013 - 12:09

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега