Иран: Не го нападнавме Израел, но одмаздата ќе дојде во блиска иднина
Иранската новинска агенција Фарс, повикувајќи се на безбедносни извори, ги негираше израелските извештаи дека Техеран лансирал дронови кон Израел, додавајќи дека иранската одмазда „ќе се случи во блиска иднина“.
Израелските медиуми објавија дека сите дронови лансирани од Иран како одмазда за израелските ноќни напади врз иранските нуклеарни постројки и елиминацијата на членовите на иранското воено раководство и научниците кои работат на нуклеарната програма биле соборени.
„Иран лансираше околу 100 дронови кон израелска територија како одмазда, што Израел се обидува да ги пресретне“, изјави претходно портпаролот на израелската војска, бригаден генерал Ефи Дефрин, изјава што иранските медиуми сега ја негираат.
Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека му дал на Иран ултиматум од 60 дена да постигне нуклеарен договор, но дека сега можеби имаат нова можност да го променат тоа.
„Пред два месеци му дадов на Иран ултиматум од 60 дена да склучи договор. Требаше да го направат тоа! Денес е 61-виот ден. Им кажав што да прават, но тие едноставно не го направија тоа. Сега можеби имаат втора шанса!“, објави Трамп на Truth Social.
Трамп сака да преговара за нов нуклеарен договор со Иран за да го ограничи збогатувањето на ураниум и се закани дека ќе го бомбардира ако не постигнат договор. Но, Иран постојано повторува дека нема да се откаже од својата програма за збогатување на ураниум и негираше дека се обидува да развие нуклеарно оружје.
Државниот секретар на САД, Марко Рубио, денеска кратко по нападите изјави дека САД не биле вклучени во израелските напади и го повика Техеран да не ги таргетира американските интереси или персонал во регионот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа