Бислимовски: Требаше да се случи криза, за политичарите да сфатат колку е важно да се инвестира во енергетски капацитет

 

Регионот ја преброди енергетската криза со капацитети изградени од времето на поранешната држава Југославија. Требаше да се случи криза, за политичарите да сфатат колку е важно да се инвестира во енергетски капацитет кои се дефинираат како стратешки истакна Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) на панелот „Како да се стигне до ветената земја на зелена енергија“ што е во рамките на меѓународниот настан „Лидерски дијалог во Југоисточна Европа “ 2023 Beyond International Expo, што се одржува во Солун, Грција.

„На крајот од кризата можеме да заклучиме дека стабилноста во испораката не беше доведена во прашање, туку цена која беше неколку кратно зголемена на берзите беше клучен тригер за компаниите да започнат со агресивното инвестирање во обновливи извори. За само една година, инсталираниот капацитет преку приватната иницијатива е зголемен за 8 %, а ова година очекуваме да стигне и до 15%. Елдорадото на инвестиции во обновливи извори ја намали увозната зависност на земјава која од 30 %, сега е намален на само 11 %“ изјави Бислимоски.

Соговорниците од енергетскиот сектор, меѓу кои и универзитетските професори како и високи политички претставници од земјите од регионот се сложија дека кризата ја „разбуди“ Европа која пак подготви економски – инвестициски план со фокус на енергетиката и финансиски пакет за поддршка за економиите за амортизација на ефектите од енергетската криза кои се директна последица од војната.

„ Ние, како држава имплементиравме се што бара Европската унија од нас кога е во прашање енергетиката, затоа верувам дека ЕУ драматично ќе ја зголеми финансиската поддршката кон земјите од Балканот.“ изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.

Меѓународниот настан „Лидерски дијалог во Југоисточна Европа “ 2023 Beyond International Expo, се одржува од 24 до 26 мај во Солун, Грција.

 
26.05.2023 - 10:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега