Владата: ЕУ е стратешки приоритет, реформските процеси ќе се интензивираат

 

 

Европската Унија е стратешки приоритет на Владата. Владеењето на правото ќе остане во фокусот на институциите за брз напредок во преговорите.

Вицепремиерката Славица Грковска во своето видео обраќање на панелот ,,ЕУ интеграции и реформски процеси” кој се одржа во рамките на годишната конференција ,,Година на нови можности”, рече дека е неопходен силен општествен консензус околу воспоставување на принципите на добро владеење на секое ниво, во секоја институција и област.

„Секое работење мора да биде базирано на транспаретност, отчетност, владеење на правото, ефикасност и ефективност. Граѓаните се веќе суперсензитивни на корупција, на недомаќинско работење, на секаков вид злоупотреби на службената должност.
Во соработка со надлежните институции веќе се работи на решенија и политики кои ќе овозможат корупцијата да стане неисплатлива. Јас немам илузии дека корупцијата може од корен да се искорени, но верувам дека таа може да се намали“, порача во своето видео-обраќање заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики на добро владеење Славица Грковска.

Вицепремиерот Бојан Маричиќ истакна дека ова е најуспешна година во евроинтеграциите на Република Северна Македонија и клучна пресвртница во односите со Европската Унија.

„Оваа година треба успешно да го завршиме скрининг процесот, да се фокусираме на реформите, да обезбедиме општествен политички консензус, уставни измени. Во овој период треба да вложиме максимални напори за обезбедување на финансиска помош”, рече заменик на претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ.

Министерот за правда Никола Тупанчески говорејќи за распределбата на предметите во судовите и јавните обвинителства посочи дека од 1 јануари 2023 година задолжително се применува системот за управување со предмети во обвинителствата.

„Праксата за доделување на судски предмети, како што беше во минатото, на рака,повеќе не постои. Во судовите, предметите се распределуваат и прераспределуваат преку АКМИС системот. Тоа е законска обврска, а начинот на распределба се уредува со судскиот деловник”, рече Тупанчески.

Во Министерството за информатичко општество континуирано се работи на обезбедување на модерна и ефикасна јавна администрација базирана на дигитализација која обезбедува квалитетни и брзи услуги на граѓаните и деловните субјекти.

,„Наша цел е деполитизирана администрација која ќе биде транспарентна и отчетна каде ќе владее европскиот систем на вредности, со мерит систем и голема професионалност. Активно работиме на новата Стратегија за РЈА(2023-2030), документ со реални цели и активности која ќе придонесе кон подобрување и приближување на нашата земја кон стандардите на ЕУ”, рече заменик министерот за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски.

Амбасадорката на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ами Ларсон Џаин порача сите напори на Владата да бидат насочени кон реформите за да има напредок.

„Ние сме цврсто посветени да им посакаме добредојде на земјите од Западен Балкан во семејството на ЕУ, но основите на процесот на пристапување сè уште важат: одредниците мора да се исполнат. Не е случајно што токму со владеењето на правото се започнува и завршува процесот на пристапување на земјите-кандидатки во ЕУ. Сите напори треба да бидат насочени кон реформите за да има напредок, фокусирано и решително. Шведска е најголемиот билатерален донатор меѓу земјите-членки на ЕУ, со програма за реформска соработка која има за цел да им помогне на националните власти и граѓанското општество во процесот на интеграција во ЕУ. Денес информираме дека оваа програма значително ќе се зголеми“, рече амбасадорката на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ами Ларсон Џаин.

30.01.2023 - 13:05

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега