Груевски го пушти во употреба патот Кавадарци - Ресава
Премиерот Никола Груевски денеска го пушти во употреба локалниот пат Кавадарци - Ресава, во должина 5,95 километри и со широчина на коловозот од 5,5 метри.
- За локалнот пат до село Ресава инвестиравме околу 32 милиони денари. Со овие средства се изврши проширување и комплетна реконструкција на патот кој во изминатот период беше во исклучително лоша состојба со многу оштетувања, дупки и нерамнини, рече премиерот Груевски обраќајќи се на отворањето на патот.
Тој потенцираше дека овој пат е еден од најфрекфентните во кавадаречко и е од посебно значење за населените места Ресава, Бегниште и Дабниште, но и за големата викенд населба на Тиквешкото Езеро.
- Ветивме дека ќе го направиме патот и го исполнивме нашето ветување. Денешниот настан е потврда за нашите заложби, нагласи Груевски. Тој најави дека со почетокот на следната градежна сезона ќе почне да се прави и патот од Ресава до Бегниште, потенцирајќи дека во изминатиот период Владата помогнала за реализација на поголем број проекти за решавање на прашања кои ги засегаат граѓаните на општина Кавадарци.
Првиот човек на Агенцијата за државни патишта Љупчо Георгиевски истакна дека во изминатиот период, дури 1,7 милиони евра се инвестирани во локални патишта во Општина Кавадарци, потсетувајќи дека освен патот Кавадарци-Ресава е направен и локалниот пат Ладно Долче-Страгово-Крњево со должина од еден километар во вредност од 8,8 милиони денари.
- Наредната 2014 година во кавадаречко ќе се завршат уште два локални патни правци со вкупна должина од 10,47 километри инвестиција од 84,1 милиони денари и тоа вториот дел од Ладно Долче-Страгово-Крњево со должина од 6 километри и локалниот пат од Ресава до Бегниште со должина од 4,4 километри во вредност од 37,6 милиони денари, рече Георгиевски.
Тој додаде дека во текот на последнава година се изградени неполни 150 километри локални патишта низ Македонија, вредни 13,5 милиони евра. Во 2014 и 2015 година, најави Георгиевски, ќе бидат изградени уште 100 локални патишта со должина од околу 200 километри инвестиција од 20 милиони евра. Од 2009 до годинава прецизира, дека се изградени вкупно 590 километри локални патишта во вредност од околу 45 милиони евра.
Градоначалникот на Општина Кавадарци Александар Панов посочи дека денешниот настан е потврда оти Владата препознава дека Кавадарци е една од најразвиените општини во земјава.
- Не обвинуваат дека сме вложувале само во споменици. Еве токму овој пат што денеска го пуштаме во употреба е потврда дека вложуваме во потребите на граѓаните, рече Панов.
Тој нагласи дека со реконструирањето на патот Кавадарци - Ресава ќе се олесни сообраќајот кон туристичката населба во Тиквешкото Езеро и ќе се намали бројот на сообраќајките што се случуваа поради неговата дотраеност.
Премиерот Груевски денеска ќе присуствува и на пуштање во употреба на водоснабдителен систем и регионален пат Кавадарци-Росоман.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа