Претседателот Иванов нема законска можност директно да го помилува Кежаровски
Претседателот Ѓорѓе Иванов нема законска можност директно и веднаш да го помилува Кежаровски. По вчерашното барање на Емилијан Станковиќ од СДСМ, Кежаровски веднаш да биде аболициран, од кабинетот на Иванов со реакција, пратеникот да ги проучи законите пред да дава изјави.
„Со измените на Законот за помилување од 2009 година (во прилог), можноста за директно одлучување за ослободување од кривично гонење (т.н. аболиција) е исклучена како опција. Согласно членот 3 од Законот за помилување, постапка за помилување, за ослободување од кривично гонење поведува Министерот за правда. Постапка за помилување, за ослободување од кривично гонење се поведува само по службена должност и може да се поведе во секој стадиум на кривичната постапка.
Оттука му препорачуваме на пратеникот Емилијан Станковиќ да ги прочита законите,пред да излезе со изјава“ - стои во соопштението од кабинетот на Иванов.
Останува нејасно зошто Емилијан Станковиќ сака да ја доведе јавноста во заблуда со ова прашање за кое би требало да го знае одговорот. Доколку не го знае, тогаш е должен како пратеник да се запознае со тематиката за која сака јавно да говори, особено дотолку што поранешниот лидер на неговата партија, Бранко Црвенковски е потписник на промените на овој закон.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа