Мицкоски: Само аматер како Заев може да потпише таков договор во кој историјата ќе биде критериум за напредок
Најпрвин ќе ми дозволите да изразам благодарност до луѓето кои се овде пред платото на Владата, но и оние кои се денес пред платото на зградата на МНР кои на еден мирен, достоинствен начин го изразуваат револтот и несогласувањето со овие погрешни политики предводени од Зоран Заев и Владата која тој ја предводи, истакна денес Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
„Од друга страна, ќе ми дозволите исто така да се извинам и да побарам прошка од скопјани за сето тоа што можеби во овие час и половина го претрпеа во овој сообраќаен метеж, но молам за разбирање затоа што ова навистина се историски моменти за нашиот народ, за македонскиот народ, за македонската нација и македонската држава.
Ова се моменти кога се одлучува иднината на нашите деца и внуци и затоа навистина овој пат треба да реагираме промптно и одлучно.
Во минатото често пати повторувавме дека не треба да се потпишуваат договори на егзебиционистички начин, договори чија содржина наместо да биде решение ќе претставува проблем. Тоа го зборувавме и кога се потпишуваше Договорот за пријателство и добрососедство со соседна Бугарија“ – истакна Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ напомена дека ВМРО-ДПМНЕ и во минатото и другите влади преговарале за постигнување на еден таков договор, но никој буквално ни една влада не се дрзнала да потпишат таков договор со таква содржина, бидејќи доколку вие во договор го ставите проблемот со кој се оспорува потеклото, коренот на вашиот јазик, договор во кој се оспоруваат историските факти, и бидат фактички критериум за понатамошно ваше полноправно членство во ЕУ не е договор.
-И тоа никогаш нема да претставува договор кој ќе ја донесе Македонија во рамките на обединета Европа и дел од европското семејство, туку напротив претставува алатка на тие што се внатре континуирано да вршат уцена и терор врз македонскиот народ, врз македонската нација и врз македонската држава. За жал, тоа не успеа да го види Зоран Заев и само политички аматер може да потпише еден таков договор во кој историјата ќе биде критериум за напредок на државата во процесот на полноправно членство во рамки на ЕУ. Жалам што денеска ние наместо да зборуваме за вештачка интелигенција, наместо да зборуваме за подобар и по конкурентен здравствен систем, среќни земјоделци, млади кои што овдека во Македонија ќе ја градат својата иднина и луѓе кои ќе сакаат тука да останат. Ние денеска зборуваме за исполнување на елементарното човеково право, а тоа е правото на самоопределување, рече тој.
Порача дека гласот од страна на меѓународната заедница е таков дека работи што не треба да се преговараат, треба да останата надвор од процесот за интеграција на Македонија во ЕУ, како што се идентитетот, обичаите, историјата, јазикот, итн.
-За жал овие понизни и сервилни политики на Владата предводена од Зоран Заев не доведоа во една ваква ситуација кога буквално помеѓу асимилација и интеграција. Затоа час поскоро оставка и затоа ги повикувам скопјани и утре со почеток во 15 часот заклучно со 16:30 да ни се приклучат овде пред платото на Владата но и пред Министерството за надворешни работи повторно да го изразиме нашиот револт против овие политики кои што на таинствен начин ги води Владата на Зоран Заев. Оние преговори за кои Зоран Заев велеше дека се водат на ниво на работни групи, а пак оние гласноговорници на СДСМ поитаа да го демантираат Зоран Заев и да кажат дека нема такви преговори. Народот заслужува да ја знае вистината, ВМРО-ДПМНЕ заслужува да ја знае вистината. ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија која што денеска во рамките на Парламентот во комисијата за надворешни работи иницираше расправа за заеднички став, за заедничка позиција и консензус во преговорите кои што се дел од овој договор за добрососедство со нашиот источен сосед. Но за жал од парламентарното мнозинство тој предлог беше одбиен и за жал уште еднаш го покажаа своето лицемерие во полн блесок.
Тој ги повика скопјани, но и другите граѓани утре да се придружат на блокадите пред платото на владата, но и пред платото на зградата на МНР.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа