Претседателот Иванов испрати писмо со сочувство за смртта на поранешниот полски премиер
Претседателот Ѓорге Иванов денеска упати писмо со сочувство до неговиот колега Бронислав Коморовски, по повод смртта на поранешниот полски премиер Тадеуш Мазовјецки.
- Со длабоко жалење ја примив веста за смртта на поранешниот премиер на Република Полска, еден од предводниците на „Солидарност“ и прв демократски премиер по падот на комунизмот, господинот Тадеуш Мазовјецки. Дозволете ми, господине Претседателе, во овој тажен миг за Вас и за полскиот народ, од името на граѓаните на Република Македонија и од свое име, да Ви упатам изрази на искрено сочувство. Господинот Мазовјецки ја прошири борбата за слобода, демократија, човекови права и човеково достоинство и надвор од родната Полска, застапувајќи се за достоинството на државите и народите кои ги правеа своите први чекори кон демократијата, вклучително и Република Македонија, се вели во писмото со сочувство од претседателот Иванов до полскиот претседател Коморовски.
Иванов во писмото додава: - Во мугрите на нашата независност, господинот Мазовјецки го бранеше правото на македонските граѓани на самоидентификација и достоинство. Претседателе, изразите на сочувство да ги пренесете до пријателскиот полски народ и до семејството Мазовјецки.
Претседателот Иванов денеска се потпиша во книгата на жалост во Амбасадата на Република Полска во Скопје.
Во 2002 година во интервју за „Утрински весник“, Мазовјецки ја оспори употребата на привремената референца за именувањето на Република Македонија.
- Одлуката Македонија да се нарекува со референцата ФИРОМ едноставно е варварска. Не може таков назив „поранешна“. Во името не може да биде „поранешна република“, тоа никаде го нема. Не е сретнато никаде, изјави тогаш Мазовјецки.
Во 2006 година, Мазовјецки јавно му честита и му се заблагодари на тогашниот американски претседател Џорџ Буш за одлуката за признавање на уставното име на Република Македонија.
- Доколку пред десетина години немаше аргументи за оправдување на ова бесмислено име, тогаш уште повеќе ги нема денес! Бидејќи Македонците докажаа дека ги ценат мирот и стабилнноста, дека немаат никакви големодржавни амбиции, дека рамноправно ги третираат сите свои граѓани, без оглед на нивната националност, дека сакаат да соработуваат со сите соседи, дека се наклонети кон компромиси, дека иако се сиромашни, знаат да им помогнат и на посиромашните, дека го исполнуваат договореното. Што треба уште да докажат, оцени Мазовјецки во 2006 година.
Во интервју за „Дојче Веле“ во 2012 година, по повод неговиот 85 роденден, Мазовјецки уште еднаш го истакнува своето несогласување со грчкото противење на уставното име на Македонија.
- Уште тогаш не сфатив зошто ја понижуваат таа мала земја, оспорувајќи и го правото да се нарекува Македонија. Мислам дека Грците во ова прашање се малку пречувствителни, а меѓународната заедница во основа и натаму ја понижува Македонија со тоа што се согласува со вештачкото име. Јас не се согласувам со тоа, рече Мазовјецки за „Дојче Веле“ во 2012 година.
Своите позитивни ставови за Македонија Мазовјецки ги реафирмираше и во интервју за хрватски „Јутарњи лист“ во 2012 година.
- Би ја споменал само и Македонија, која и понатаму ги чувствува последици од тој несреќен конфликт со Грција околу името. Кога ги пишував своите извештаи, секогаш за таа држава го користев името Македонија, поради што Грците редовно протестираа и бараа да се користи називот поранешна југословенска Република Македонија. За мене тој грчки став беше понижување на малата и млада држава, што сигурно не би се користел ако во прашање беше некоја голема држава. Таквото однесување едноставно не беше добро“, изјави Мазовјецки во интервју за хрватски „Јутарњи лист“ во 2012 година.