Велинова: Владата доцни со изградбата на гасоводите Неготино – Битола и Скопје – Тетово – Гостивар до сега требаше работата да биде завршена

Владата и Сугарески ги пробија сите рокови и доцнат со гасификацијата на земјата. Гасоводната линија Неготино – Битола требаше да биде завршена уште во февруари, а сега наместо уште да се работи, низ неа требаше да течат првите метри кубни гас, ова преку прес-конференција денеска го истакна Елена Маркова Велинова од ВМРО-ДПМНЕ.

-СДСМ не работи и го одолговлекува проектот кој беше започнат уште во време на ВМРО-ДПМНЕ. Еден проект го влечат повеќе од три години. Ситуацијата е уште полоша со гасоводот Скопје-Тетово-Гостивар, кој требаше да биде завршен уште во декември 2019 година. Овој гасовод не само што не е завршен, туку фактичката состојба е дека ниту половина од работите не се завршени. Гасификацијата не е работа која ја започна СДСМ, туку тоа е проект на ВМРО-ДПМНЕ. Проект за кој беа обезбедени финансиски средства и беше изработена проектна документација за три гасоводи во вкупна должина од 145 километри. СДСМ во овие повеќе од три години власт не изгради ниту 1 метар дистрибутивна мрежа за природен гас во општините во Македонија, вели Маркова-Велинова.

Таа додава дека наместо да гради, СДСМ одбра да ја блокира реализацијата на дистрибуцијата на природен гас. Како резултат на неработењето на СДСМ во овие 3 години, граѓаните на Македонија денес сẻ уште не можат да ги користат придобивките што ги носи природниот гас. Место евтин и еколошки природен гас, денес се користи скапа струја и нееколошка нафта и мазут.

-Наместо денес секое домаќинство да ги ужива благодетите на природниот гас, СДСМ се уште е во фаза на објавување на јавни повици за проектирање и изградба на дистрибутивната мрежа на природен гас на територија на Република Македонија. И што е најважно, сето тоа се правеше како предизборен маркетинг во февруари 2020 година. Доколку СДСМ наместо на матни тендери се насочеше на работа можеше да се реализира целосна гасификација на Македонија, а не да тапкаме во место како една од последните земји во светот која не го користи овој енергенс. Граѓаните на Македонија ќе знаат ваквата неодговорност да ја казнат кога ќе дојде време за изборно соочување!, додава Маркова Велинова.

 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

14.05.2020 - 13:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега