Симулација на сообраќајна несреќа кај наплатната рампа Гостивар-Тетово

 

Во организација на Министерството за здравство и Светската здравствена организација- регионална канцеларија во Скопје, денеска ќе биде симулирана сообраќајна несреќа кај наплатната рампа Гостивар-Тетово.

Вежбата насловена како „Сообраќајна несреќа со поголем број повредени и со изгореници” ќе ја проследи заменик-министерот за здравство Јовица Андовски, а во неа ќе учествуваат Итната медицинска помош од Гостивар, општа болница-Гостивар, МВР, ПП-Гостивар, ЦУК, ДЗС, Црвен крст на РМ и локалната самоуправа. Во рамки на симулациската вежба ќе бидат ангажирани четири санитетски возила и 16 повредени пациенти (две со потешки фрактури, шест со повреди на екстремитети, три со изгореници на различни делови од телото, четири со труење со чад и изгореници на дишните патишта и едно лице со напад на паника).

За време на вежбата ќе биде дадена прва медицинска помош, тријажа, евакуација и транспорт на повредени при сообраќајна несреќа. 

Одржувањето на симулациската вежба е во рамки на двегодишниот договор за соработка меѓу Министерството за здравство и Светската здравствена организација.

22.10.2013 - 09:59

најчитано сега