Димитриев: Очекуваме поповолни понуди од банките за проектот „АРМ мој вистински дом“
Денеска македонскиот заменик-министер за одбрана Емил Димитриев ја посети касарната Јане Сандански во Штип.
- Пред една недела имавме состанок со банките, кои што треба да бидат кредитори на проектот „АРМ мој вистински дом“. Целта на оваа средба беше да ги ажурираме понудите кои што ги имат доставено до министерството пред околу година ипол, бидејќи одредени придвижувања во тој дел одат во насока на се поатрактивни понуди од банките. Значи помали камати, подолг рок на отплата, ги замоливме банките да ја видат можноста дали можат да дадат нови понуди со услови кои што се по прифатливи за нашите припадници, изјави Димитриев.
Димитриев денеска информираше дека МО веќе го добило корисничкото право за користење на локацијата во „Карпош“, каде што ќе се градат становите, а во меѓувреме во тек е проектирање на становите, по што следи добивање одобрение и почеток на изградба на становите за припадниците на АРМ. Исто така, Димитриев посочи дека 515 припадници на АРМ се изјасниле за изградбата на становите во рамки на проектот „АРМ мој вистински дом“.
- Значи тој не завршува со една анкета на одреден период ние ќе правиме постојано анкети, бидејќи имаме приливи на нови луѓе во Армијата, луѓето кои претходно се изјаснија можеби од различни причини го промениле своето мислење. Доколку има интерес за градење минимум една зграда, значи тоа ни е минимумот со кој не можете да влезете во оваа фаза на градење на станови. Ние сме расположени да почнеме фаза на градење и овде во Штип и во другите гарнизони, значи ова се однесува генерално за сите гарнизони, рече Димитриев.