„24 Ракомет“: Ако победи на три меча во четири дена, Вардар ќе заработи 400.000 долари!
Aктуелниот европски и македонски шампион Вардар, има уникатна можност со само три победи на неофицијалното светско клупско првенство, Супер Глоуб, да заработи фантастични 400.000 долари. Тоа ќе се случи доколку го освои трофејот, но доколку обезбеди место во финалето, а загуби ќе добие исто така солидни 250.000 долари. Ако биде трет, Вардар ќе добие 150.000 долари.
Новото издание на Супер Глоуб турнирот кое годинава се одржува во Дамам во Саудиска Арабија ќе биде со десет екипи, а Вардар како освојувач на Лигата на шампионите ќе биде еден од трите тимови од Европа кои ќе играат на ова натпреварување.
„Црвено-црните“ се директно пласирани во четвртфиналето, а засега не го знаат противникот бидејќи ќе мора да почекаат да бидат одиграни два меча од осминафиналето. Победникот од средбата меѓу Ал Мудар од Саудиска Арабија и Њујорк сити од САД ќе биде противникот на вардарци во четврт-финалниот меч.
Јасно е и каков ќе биде патот до финалето, а на него ќе ја нема Барселона туку тимот на Кил. „Зебрите“ кои на турнирот дојдоа со вајлд-карта ќе играат прво во осминафиналето против Сиднеј, а потоа ќе ги очекува меч со Замалек од Египет. Победникот од овој дуел ќе се соочи со Вардар во полуфиналето. Финалниот меч е предвиден за 31 август, а почетокот е закажан за 16:30 часот.
Извор: 24Ракомет
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа