Петок не е тоа без грав: Направете го најдобриот - свекрвата ќе ви завидува

Денеска е петок што значи дека е ден за гравче. За оние кои во петок постат, еве еден рецепт за посно гравче.
Половина килограм грав се става во студена вода. Некои готвачи го оставаат да стои преку целата ноќ во водата, а други, некаде околу 1 час.
И двата рецепти даваат горе долу ист резултат, со таа разлика што ако гравот се кисне подолг период, помалку ќе се вари.

Ја истурате водата во која што се киснел и полните нова. За половина килограм грав, околу 2 до 2,5 литри вода треба да бидат доволно.
Потоа сецкате една главица кромид. Можете и на крупно но и на поситно доколку не сакате кромидот да се забележува во манџата.
Во водата додавате само малку масло за јадење и го ставате гравот со кромидот да почне да се вари. Почнувате со најсилен оган. Штом водата со гравот и кромидот почне да врие, го намалувате огнот за да не почнат лушпите на зрната да се двојат од нив.  Во меѓувреме ставате нане и доколку сакате, сува везена пиперка или пак сушен домат.

Зачините (освен нането) се уште не ги додавате. Чекате да се спушти малку температурата на водата па потоа ставате на тивок оган и покривате со капак. Треба од прилика да поставите помалку од една третина од максималната топлина на ринглата. Па така, ако имате на пример опција за загревање на ринглата од 1 до 9, ставате на 2.
Оние кои готват често грав, знаат да кажат дека колку долго ќе се вари гравот, зависи само од него. Па така, го варите и повремено проверувате, дали зрната се варени.
Штом ќе забележите дека гравот е доволно густ, а зрната меки, почнувате со постапката на запржување.
Се запржува на повеќе начини, но ние ви го предлагаме овој.
Загревате масло на слаб оган. На страна сецкате ¼ од главица кромид и ја ставате во маслото. Кромидот не смее да загори туку само малку да зарумени, па затоа се препорачува послаб оган. Штом добиете заруменет кромид, ставете во загреаното масло половина супена лажица брашно и црвен пипер по желба.
Промешајте и многу внимавајте да не загори. Загорената запршка комплетно ќе го смени вкусот на гравот.
Кога ќе биде готова запршката, гравот кој се уште крчка останува на огнот, а запршката се додава во него. Се промешува добро и се остава гравот да крчка на слаб оган уште половина час. Во овој момент додавате сол и бибер и уште некој зачин доколку сакате.
Запршката дополнително ќе го згусне гравот.
Сервирајте по желба. Гравот велат оди со се. Ако сакате тавче – гравче, чорбата ставете ја во грне и така во рерна.
Пријатно јадење.

 

 

 

 

16.11.2018 - 14:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега