Со хрватски совети ќе се подобрува Општина Новаци
Градоначалникот на општина Новаци, Лазар Котевски ќе се служи со хрватски искуства за економски развој на општината, посебно во делот за наводнување на земјоделските површини, како една од стратешките определби на таа локална самоуправа.
По враќањето од престојот во Задар и Биоград, градоначалникот Котевски денеска информираше дека хрватските искуства се применливи за развој на општина Новаци, а од директните средби ќе произлезат нови можности за соработка.
- Разговарав со градоначалниците на Биоград и Задар, со првите луѓе на Стопанската комора на Задар и други претставници на тамошните жупании. Посетивме повеќе земјоделски задруги меѓу кои и задругата „Масвин“ која располага со површина од 70 хектари насади со маслинки, вино и смокви, а посебно импресионирани сме од проектот „Баштица“ наменет за наводнување на површина од 6.000 хектари и тоа за нас може да биде применливо, посочи Котевски.
Престојот на градоначалникот Лазар Котевски, претставници на Центарот за развој на пелагонискиот регион и други претставници на пелагониските општини беше реализиран во рамките на проектот за „Експанзија на мали бизниси“ на УСАИД чија крајна цел е формирање на локални акциони групи.