Филипче понуди конкретен кризен план по пожарот во Трубарево
Претседателот на СДСМ и поранешен министер за здравство, Венко Филипче, ја оцени ситуацијата по вчерашниот пожар во Трубарево како сериозна и упати конкретни барања до институциите за итно дејствување. Тој истакна дека ваквите кризни настани бараат одговорна, транспарентна и координирана реакција, а не политички спинови и конфузни пораки.
„Граѓаните имаат право да знаат што дишат и што внесуваат во организмот, но и да бидат заштитени од државата. Тоа е нивно основно човеково право, а должност на институциите е да им го обезбедат“, посочува Филипче.
Тој потенцираше дека одговорноста не завршува со гаснење на пожарот, туку дури почнува со справувањето со последиците, кои како што рече можат да бидат долгорочни и опасни по здравјето.
„Јавно барам да се овозможи медицински преглед за сите жители во и околу Трубарево, особено за оние кои биле директно изложени на чадот и токсичните гасови“, изјави тој. Дополнително, побара и лабораториски анализи на воздухот, почвата и водата со јасен фокус на диоксини, тешки метали и HF остатоци, но подвлече дека тие резултати мора да бидат транспарентно објавени.
Филипче посочи и на потребата од обезбедување психолошка поддршка за жителите и пожарникарите кои биле на лице место. „Не можеме како држава да ги оставиме сами со траумата“, нагласи тој.
Претседателот на СДСМ укажа дека воспоставената безбедносна зона од 400 метри е недоволна, и предложи таа да биде проширена на периметар од 500 до 2.000 метри. Во тој радиус, рече тој, мора да се воспостави јасен протокол кој ќе вклучува затворање на училишта ако е потребно, дистрибуција на маски, ограничување на движењето, како и активирање на јавен систем за предупредување преку СМС пораки и локални медиуми.
„Очекувам да бидат поставени мобилни мерни станици кои ќе го мерат загадувањето во реално време, особено по правците на ветерот“, додаде Филипче. Тој исто така предупреди на потребата од долгорочно следење на квалитетот на почвата и водата, информирање на населението дали може да ги користи земјоделските производи, како и дали ќе биде потребна дезинфекција на јавни површини.
На крајот, побара целосна истрага за причините за пожарот. „Потребна е истрага за тоа што точно се случи, зошто немало контрола, каде затаиле протоколите и кој ќе понесе одговорност“, рече Филипче, потенцирајќи дека „наместо конфузни изјави и политички спинови, луѓето очекуваат одговори и решенија“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа