Груевски-Коморовски: Македонија и Полска ќе ја динамизираат соработката

 

Премиерот Никола Груевски за време на работниот ручек со полскиот претседател Бронислав Коморовски истакнал дека Македонија е заинтересирана за динамизирање на соработката со оваа земја, особено во економијата и се заблагодарил за поддршката во евроинтеграциските процеси.   

Како што информираат од македонската Влада, соговорниците ги поздравиле традиционално добрите и пријателски односи меѓу Македонија и Полска и изразиле очекување оваа посета, во годината кога се одбележуваат 20 години од воспоставување на дипломатските односи меѓу двете земји, да претставува голем импулс за натамошно унапредување и продлабочување на билатералната соработка во сите области од взаемен интерес.

Груевски посочил дека Македонија е заинтересирана за динамизирање на соработката со Полска особено на полето на економијата и можностите за раздвижување на инвестициските активности меѓу двете држави во повеќе сфери кои се од заеднички интерес. 

Премиерот Груевски ја истакнал можноста која им стои на полските компании за инвестирање во Македонија, објаснувајќи ги бројните предности и поволности кои компаниите би ги добиле доколку се решат да инвестираат во некоја од трговски индустриско-развојните зони, како и поволниот даночен пакет, намалените административни процедури за водење на бизнис и можноста за ползување на бенефитите од компетитивна работна сила.

Претседателот на Владата ја истакнал можноста и потребата за соработка во полето на образованието при што претходно беше потпишана и Спогодба за соработка во науката и високото образование меѓу двете држави.

На средбата Груевски се заблагодарил за интензивната полска поддршка за започнување на пристапните преговори за влез во ЕУ посочувајќи дека Полска беше една од земјите што на декемврискиот самит на Советот на ЕУ, се залагаше за донесување одлука за почеток на пристапните преговори со Република Македонија. Исто така изразил благодарност за континуираната поддршка на Полска за евроатланската интеграција на Република Македонија, како  и генералниот став на Полска дека целосната интеграцијата на Западен  Балкан во НАТО е предуслов за стабилна Европа. Притоа, премиерот ја истакнал можноста за соработка и во полето на одбраната.

Полскиот претседател Бронислав Коморовски изразил задоволство од пријателството меѓу двете држави кое го потврдуваат добрите политички односи, како и можностите за унапредување на економската соработка. Тој истакнал дека Република Полска е искрен пријател на Република Македонија и силен поддржувач на нејзините интеграциски напори и процеси.

Од страна на претседателот Коморовски било истакнато значењето на заложбата за остварување поблиска и поплодотворна билатералната соработка меѓу двете држави.

11.09.2013 - 08:37
Фото: 
миа

најчитано сега