Куманово го слави Денот на независноста
По повод Денот на независноста, бројни делегации, претставници од кабинетот на градоначалникот на општина Куманово, Советот на општината, претставници од Здружението на борците, од АРМ, оштински установи, институции, политички партии, невладини организации и граѓани денеска положија цвеќе пред споменикот Жена Борец на градскиот плоштад.
Честитајќи им го празникот на присутните, претседателот на Советот на општина Куманово, Максим Димитријевски во свечениот говор потенцира дека со референдумот Македонија, не само што ги избегна воените виори, туку го оствари и вековниот сон за самобитност и независност.
- Светлите точки од историјата секогаш зрачат низ новите генерации. Денот на независноста е светол ден за Македонија. Тоа е континуитет на борбата кон истата цел, кон денешнината на Р.Македонија. Денес ние се обидуваме да продолжиме на тој пат, бидејќи истите тие генерации не задолжија и ни оставија аманет да ја сакаме и чуваме државата, рече Димитријевски.
Осми септември, додаде, има симболика кај сите Македонци и кај сите останати припадници на етничките заедници кои живеат во Македонија. - Со нив заедно ја градевме и ќе продолжиме да ја градиме оваа наша мала, но чесна држава, рече во обраќањето Димитријевски и испрати порака за национално обединување во интерес на државата и граѓаните.