Куркулас бега од темата Македонија кога зборува за проширувањето на ЕУ

 

Во јануари следната година, на почетокот од грчкото претседателство со ЕУ, Србија ќе ги почне пристапните преговори со Унијата, изјави грчкиот заменик министер за надворешни работи Димитрис Куркулас.

Во интервју за неделното издание на „Елефтеротипија“, Куркулас повтори дека „традиционално, Грција ја поддржува европската перспектива на земјите од Западен Балкан“. Тој нагласи дека „со одлуките на Европскиот совет во Солун на самитот во 2003 година, ЕУ ги отвори вратите за Западен Балкан“.

- Се надевам дека и другите земји од нашиот регион, под строг услов да ги исполнуваат критериумите за членство, во иднина ќе имаат можност да станат рамноправни членки на европското семејство, изјави Куркулас.

Ова е вторпат за неколку дена грчкиот заменик МНР задолжен за европски прашања да зборува за интеграцијата на Западен Балкан во Унијата, без да ја спомене Македонија. Тој во интервјуто потсетува на влезот на Хрватска во ЕУ, зборува за Србија, ја коментира ситуацијата во Албанија и случувањата во Премети, но за Македонија не кажува ниту збор.

Пред неколку дена во изјава за порталот Еурактив, тој исто така рече дека проширувањето отсекогаш било и ќе продолжи да биде врвен приоритет за неговата земја, но додаде дека „наместо на големи настани или состаноци, Грција за време на своето претседателство ќе ја турка секоја земја посебно, врз основа на заслуженото“.

- Со оглед на тоа што политичката ангажираност е во име на целата Европска унија, нашата цел е да продолжиме со конкретни чекори, прилагодени на специфичните потреби и околности на  секој конкретен случај. Во овој контекст, грчкото претседателство ќе биде посветено на промовирање на проширувањето на Унијата и ефективно справување со предизвиците со кои секоја земја кандидат се соочува во овој специфичен момент, изјавил Куркулас.

„Еурактив“ во својата анализа констатираше дека во приоритетите на Грција за престојното претседателство со Европската унија не се спомнува политиката на проширување, и покрај претходните тврдења од страна на Атина дека таа е посветена на проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан.

„Грција навистина има длабоки интереси во проширувањето на ЕУ, но има проблематични односи со многу од земјите кандидати за влез во Унијата, кои се наоѓаат во нејзиното непосредно соседство“, заклучи Еурактив. 

26.08.2013 - 12:23

најчитано сега