Трамп: Ќе продолжам да се борам за мир во Украина
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ќе продолжи да се залага за постигнување мирно решение меѓу Москва и Киев, и покрај зголемените сомнежи за можноста за директни преговори меѓу рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот лидер Володимир Зеленски во блиска иднина.
„Нешто ќе се случи, но тие (Путин и Зеленски) сè уште не се подготвени за тоа. Но, нешто дефинитивно ќе се случи. Ние имаме намера да го овозможиме тоа , рече Трамп во интервју за телевизијата „Си-Би-Ес Њуз“.
Вчера Трамп најави дека во наредните денови планира да учествува во разговори за војната, по неуспешната средба со Путин во Алјаска.
Според официјален претставник на Белата куќа, се очекува Трамп денеска телефонски да разговара со Зеленски.
Од друга страна, Путин вчера изјави дека е подготвен да се сретне со Зеленски доколку украинскиот лидер дојде во Москва, но нагласи дека таква средба мора да биде внимателно подготвена и да донесе конкретни резултати. Украинскиот министер за надворешни работи ја отфрли можноста за преговори во руската престолнина.
Трамп во интервјуто за Си-Би-Ес изрази жалење за „масакрот“ меѓу Русија и Украина, додавајќи дека ќе продолжи да се бори за мирно решение. – Мислам дека ќе успееме да ги надминеме сите разлики. Искрено, мислев дека ќе биде полесно да се договорам со руската страна отколку со другите, но работите со нив се покажаа малку покомплицирани, рече тој.
Американскиот претседател изрази незадоволство што не може да ги запре борбите во Украина, кои започнаа со руската инвазија во февруари 2022 година. Првично, тој предвидуваше дека ќе ја прекине војната веднаш по стапувањето на функцијата во јануари.
Коментирајќи ги вчерашните снимки од заедничкото присуство на Путин, кинескиот претседател Си Џинпинг и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун на парада во Пекинг, Трамп истакна дека има „добри односи“ со секој од нив. – Разбирам зошто го направија тоа. Сакаа да видам, и јас видов. Односите со сите нив mi се многу добри. Во следните две недели ќе видиме до кој степен се навистина добри, додаде тој.
Трамп нагласи дека не се стреми кон Нобелова награда за мир, туку само сака да стави крај на крвопролитијата во светот. – Не се борам за награди, туку за да престанат конфликтите, заклучи американскиот претседател.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа