Муцунски на средба со македонската дијаспора во Швајцарија
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, кој престојува во неколкудневна работна посета на Швајцарија, синоќа во Женева имаше средба со претставници на македонската дијаспора.
- Посебна чест ми беше, на првиот ден од работната посета на Женева, заедно со бројната македонска дијаспора, да го одбележиме Денот на независноста – 8 Септември. Во обраќањето го нагласив значењето на македонската дијаспора како мост помеѓу двете земји – поттикнувач на поблиски културни и економски врски, но и како чувар на идентитетот и вредностите на нашата земја. Изразив благодарност за сите иницијативи, проекти и активности што произлегуваат од македонската заедница во Швајцарија и ја потврдив решеноста на Владата, институционално и преку конкретни мерки, да ја унапреди врската со Македонците ширум светот, објави Муцунски на Фејсбук.
Шефот на дипломатијата за време на пестојот во Швајцарија, ќе учествува и ќе се обрати на Самитот на млади лидери, во организација на Светскиот економски форум, што се одржува во Женева.
Муцунски треба да го отвори Почесниот конзулат на Република Северна Македонија во Женева, а предвидени се и билатерални средби со генералниот директор на Светската трговска организација, со заменикот висок комесар за човекови права, со директорот на Женевскиот центар за безбедносни политики, како и со специјалниот известувач за малцински прашања при Советот за човекови права на Обединетите Нации.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа