Иванов: На Македонија и се потребни лидери во сите области

 

Mакедонскиот претседател, Ѓорѓе Иванов, денеска ја отвори 4. Школа за млади лидери. Шефот на македонската држава на отварањето изјави дека на Македонија  и се потребни луѓе кои знаат да предводат како во сегашноста така и во иднината, односно лидери не само во политиката,туку и во економијата, културата, бизнисот, спортот...

На учесниците на школата, која ја спореди како управување со автомобил, Иванов им порача што повеќе да гледаат напред, поцврсто да го држат воланот и да имаат што повеќе сопатници, кои ќе ги пренесат во еден поинаков свет исполнет со радост и среќа. - Сознанијата што ќе ги стекнете од Школата секогаш да бидат во вашите мисли неколку чекори понапред од другите, да размислувате секој пат од аспект на иднината и да ги согледувате сите последици од вашите одлуки кои мора да ги носите. Да бидете свесни за се она што вам ви е пренесено, кое треба да го сочувате и да го пренесете на идните генерации, подвлече шефот на државата. 

- Школата е признание на целиот индивидуален успех на учесниците што досега го постигнале, бидејќи сето она знаење што сте го стекнале во оваа школа го надградувате и усовршувате. Ова не е школа само за знаење, ова е школа за многу вештини и искуства од нашите пријатели, кои ни укажуваат на она што се очекува од оваа генерација кои сме на позиции. Затоа што живееме во свет кој многу брзо се менува, свет во кој многу знаења брзо застаруваат и се соочува со големи предизвици што бараат нови решенија, кои некогаш излегуваат од рамките на шаблоните кои досега ги знаеме и познаваме, а мора да ги дадат луѓе кои не се оптоварени од многу трауми од минатото, истакна Иванов.

Поранешниот претседател на Чешката Република Вацлав Клаус на отворањето истакна дека идејата на претседателот Иванов за организирање школа за лидери е добра, креативна. Toj смета дека не е доцна да ја пренесе во неговата земја.- Сметам дека младите луѓе мора да имаат можност да се среќаваат да разговараат и да слушаат други кои веќе имаат стекнато одредено искуство во различни сфери од животот и нивната кариера, рече Клаус.

Претседателот на Светската Академија на науки и уметности Иво Шлаус нагласи дека Школата е целосна иновација. - Прашањето за лидерите е на многу начини интригантно, но ние мора да гледаме напред, да сме свесни за она што се случува зад нас и треба да одлучиме по кој пат ќе одиме, истакна Шлаус.

Школата за млади лидери, на која во наредните две недели ќе учествуваат врвни предавачи,  продолжува во текот на целата година преку Алумни асоцијацијата, пречекувајќи ја следната генерација.

Меѓу предавачите на школата се  Доналд Дејв Мередит, канадски сенатор, Тафшир М. Авал, директор на Групацијата Мултимод од Бангладеш, Александре Севињи, директор на постдипломски студии за комуникациски менаџмент на McMaster-Syracuse и McMater University од Канада, Борис Поркович, заменик-претседател на Институтот за истражување на мали европски држави од Монако, Доналд Стил, директор на британската компанија „Џонсон Асошиејтс“ и поранешен главен медија портпарол на Би-Би-Си и Драган Стефановиќ, пензиониран офицер во Армијата на САД и професор на магистерски студии на програмата за јавна администрација во „Апалачиан“, Државен универзитет во Северна Каролина. Дел од предавачите се и истакнати поединци и успешни лидери во компании и образовни институции од Македонија, Шпанија, Нов Зеланд, Хрватска,  Босна и Херцеговина, Израел и од други земји. 

19.08.2013 - 13:08

најчитано сега