„Очекував да затекнам хаос во Македонија“ - братот на Обама изненаден што сме насмеани
Пред да дојдам во Македонија имав сознанија дека ќе затекнам хаос и дека работите не одат на добро, но не било така. Видов среќни луѓе и насмевки на нивните лица, со овие зборови на собир во Гостивар се обрати Абонго Малик Обама, престедател на Фондацијата „Барак Обама Хусеин“.
По приемот кај градоначалникот на општина Гостивар, Невзат Бејта, тој на платото пред општинската зграда испрати пораки за зачувување на соживотот.
- Се надевам дека моето доаѓање ќе биде поттик за градење на поголема слога на Балканот во скорешна иднина. Секој човек има право на среќа и на слобода. И тука сакам да го пренесам основното начело на фондацијата која го носи името на мојот татко, дека ниту еден човек не може да ужива во богатството и да биде среќен, ако неговиот сосед пати, рече Малик Обама.
Во таа насока, Обама предложи збратимување на Гостивар со негвиот роден град, за како што кажа, да се даде пример за градење на храмонија која ќе нé одведе до посветла иднина.
Градоначалникот Бејта, заблагодарувајќи се во името на гостиварци, потсети дека на Балканот постојано имало меѓунационални конфликти, а доаѓањето на Малик Обама оди во насока на поддршка на мирот.
По кусата програма, делегациите следени до домаќините ги посетија Саат Џамијата и соборната црква „Св. Богородица“, каде од локалните свештеници беа информирани за повеќе верски прашања.
Гостинот од Кенија, кој Македонија е во дводневна посета на покана на Меѓународната асоцијација „Балкан клуб на мирот“, на крајот од вечерта седна во ќебапчилницата Ловец, каде јадеше ќебапи и телешко месо на жар.
ФОТО: МИА