Вработени на ФЗОМ на врата кај повозрасните граѓани - олеснета процедурата за добивање електронска здравствена картичка

 

Фондот за здравствено осигурување на Македонија во изминатиов период интензивно работеше на имплементација на проектот за Електронска здравствена картичка (ЕЗК). Во таа насока со цел да им се олесни процедурата за добивање електронска здравствена картичка на осигурениците повозрасни лица ФЗОМ воведе новина со која нивни вработени ги посетуваат тие лица и на лице место ги пополнуваат барањата за ЕЗК, изјави денеска директорот на ФЗОМ, Јован Грповски.

Тој истакна дека од денеска воведуваат уште една новина со која ќе им ја олеснат постапката за подигнување на електронските здравствени картички за вработените во поголемите фирми, односно фирмите кои имаат над 100 вработени.

- Наместо овластените лица од фирмите да доаѓаат и да ги подигнуваат ЕЗК за своите вработени и членовите осигурани преку нив во подрачните служби на Фондот, вработени во Фондот ќе ги посетат фирмите и ќе им ги достават изработените електронски здравствени картички. На овој начин ќе бидат посетени 110 фирми, посочи Грповски.

Тој рече дека друга новина која почнале да ја применуваат од денеска, а која ја организираат во соработка Агенцијата за вработување на Македонија, е таа што лицата со паричен надоместок своите ЕЗК ќе може да ги подигнат во просториите на Агенцијата кога ќе одат да извршат регистрација кај нив.

- Со ова ќе бидат опфатени 24.512 осигуреници и нивни членови. Оваа новина ќе се применува за оние осигуреници на кои им се изработени ЕЗК. Единствено што треба  е овие осигуреници да потпишат изјава дека ја примиле ЕЗК за нив и членовите осигурани преку нив. Подоцна овие изјави Фондот ќе ги подигне од Агенцијата за вработување. За оваа категорија на осигуреници кои немаат аплицирано за ЕЗК во просториите на агенцијата ќе им бидат поделени потребните обрасци за добивање на ЕЗК и откако ќе ги комплетираат потребните документи ќе треба да ги донесат во нашите подрачни служби, потенцира Грповски.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека досега се дистрибуирани 615.000 електронски здравствени картички, 360.000 се изработени и се во постапка на дистрибуција, 380.000 податоци се доставени до фирмата која ги изработува и се во постапка на изработка, а 110.000 барања се во постапка на обработка во ФЗОМ.

- Вкупно има 1.465.000 барања за електронски здравствени картички по разни основи. Меѓу 200.000 и 300.000 осигуреници треба да поднесат барања за издавање електронска здравствена картичка, додаде Грповски.

ФОТО: Нова Македонија

најчитано сега