Во Битола ќе никне најголемата црква на Балканот
Во склоп на православниот храм посветен на „Сите македонски светители“ кој започна да се гради пред повеќе од 20 години, ќе никне камбанарија висока 80 метри со подвижна купола на која ќе биде отворен видиковец-ресторан, што пак, ќе претставува ремек-дело во архитектурата, пишува весникот Вечер.
- Според првичниот проект камбанаријата ја играше улогата само на камбанарија, но со новите измени доби една нова димензија. Ќе има 12 ката, три ресторани, а на секој кат по неколку простории како канцеларии, ателјеа, галерии... Најгоре, на ротирачката платформата е испланиран видиковец-ресторанот од каде ќе се гледа поголемиот дел од Пелагонија, појаснува владиката Петар за Вечер.
Целиот комплекс е проектиран како енергетски ефикасен, а проширени се и дополнети досега предвидените содржини. Инаку, се работи за комплекс кој зафаќа простор од 10 илјади квадрати, а е лоциран во месната заедница Ѓорѓи Наумов, меѓу улиците Партизанска и Васко Карангелески.
Црквата „Сите македонски светители“ ќе биде најголема во регионов, а идејата е овој соборен храм да ја врати симболиката на Битола кога градот под Пелистер бил нарекуван Монастир и имал над 60 цркви и манастири. - На северната страна е замислено да се гради капела каде што ќе може да се сместат триесетина покојници, вели владиката за Вечер.
Засега не се знае колку ќе трае изградбата, а митрополитот Петар потсетува дека реализацијиите на вакви импозантни сакрални објекти низ историјата траеле по неколку децении, па и векови.
-Пред неколку години добивме 150 илјади евра помош од Владата и тој импулс беше доста значаен, иако се работеше за релативно мала сума. Досега крпевме некако но, за во иднина треба да се направи една голема донаторска конференција бидејќи ни претстои реализација на покомплицираниот дел. Всушност и немавме многу можност да побараме донации поради тоа што се градеа подрумските простории, она што не можеше да се забележи, а сепак е многу значаен. Сепак, сега откако почна да се гледа градбата веќе имаме сила да апелираме за помош, вели владиката Петар. Не може точно да се определи колку ќе чини изградбата, додава тој, но мислам дека ќе ни бидат потребни најмалку милион и пол илјади евра, додава тој.
ФОТО и ИЗВОР: Вечер