Младите лидери на летна школа во Охрид

20 млади лидери, домашни и странски студенти, од денеска до 14. август ќе учествуваат на третата Меѓународна летна школа 2013 „Направи разлика-стани корпоративно општествено одговорен Европски лидер“ која ќе се одржи во Охрид. Школата ја организираат Економскиот факултет и Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во соработка со интернационалната студентска платформа АИЕСЕК Локален Комитет-Скопје.

На летната школа, која ќе се одржи во Конгресниот центар на УКИМ, преку предавања, работилници и работа на проектни задачи зададени од страна на компаниите-поддржувачи на Школата, учесниците ќе ги развијат своите лидерски вештини на полето на корпоративната општествена одговорност.

Учесниците ќе се запознаат со концептот на корпоративна општествена одговорност, а потоа ќе преминат на работа на случај, на темата „Промоција на туризмот - Случајот со град Охрид“.

Третиот дел од Агендата предвидува работа на проектни задачи зададени од компаниите – поддржувачи на школата како Адора Инженеринг, Тиквеш, Битолска Млекара и Капитал Медиа Груп. Учесниците во четири тима ќе работат на подготовка на решенија за зададените проектни задачи што компаниите поддржувачи ќе можат да ги применат во пракса. Тимот што ќе победи ќе биде награден од компанијата за чии потреби ќе биде наменет проектот.

најчитано сега