СИТЕЛ: Партиите преговараат за прекројување на изборните единици

Координаторите на пратеничките групи во Собранието од денеска бараат решение на проблемот со вишокот на гласачи во шестата изборна единица. На иницијатива на Талат Џафери од ДУИ, од денеска почнува процесот на преговори кој ќе треба да резултира со прекројување на границите на изборните единици.

Џафери потврди дека ги почнал разговорите но вели дека не сака да открива детали. Неофицијално двата предлози се во насока или да се прекројат сите изборни единици или пак, дел од гласачите од 6-тата да се префрлат во 5-тата ИЗборна единица, со цел да се елиминираат сите можности изборите на 11 декември некој да ги прогласи за нелегитимни. Детали засега не може да се добијат ниту од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Од таму потврдија дека координаторот Илија Димовски остварил средба со Џафери, но и дека за нив е прифатлив секој предлог околу кој ќе се усогласат останатите партии.

Сител веќе објави дека на маса се предлозите на албанските политички партии, Дебар да се префрли во петтата изборна единица или пак Зајас и Осломеј да станат дел од петката.

За овие информации нема ниту потврда ниту демант од координаторите на политичките партии.

Според последните информации од Државната изборна комисија, во Шестта изборна единица се запишани 310.721 гласач, што е отстапување од над 5% во однос на останатите. Дик го повика Собранието што поскоро да го реши проблемот, бидејќи ако не се регулираат границите на изборните единици, ќе се доведе во прашање еднаквоста на гласот на граѓаните.

 
 
15.09.2016 - 19:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега