Во торта пронајден стиропор: Слаткарницата не ги предупредила родителите

helikopter-stiropor

Двегодишно дете за малку ќе се задушело од парче стиропор ставен во неговата роденденска торта. Всушност, тортата била украсена со хеликоптер од стиропор, по желба на славеникот, но слаткарите не ги предупредиле родителите дека во тортата има и стиропор.

-Стиропорот не се гледаше, беше прекриен со слоеви фил и завршен слој локум исто како и останатиот дел од тортата. Ние не очекувавме ништо такво оти од слаткарницата не ни кажаа дека хеликоптерот не е за јадење- го пренесува весникот Вест  родителот на детето.

-Моето двегодишно дете, славеникот, голтнало цело парче кое му стоеше заглавено во грлото. Не можеше да дише, почна да помодрува, па јас пикнав прсти во грлцето и успеав некако да извадам дел од стиропорот. Веднаш го однесовме на лекар за да ги извадиме и другите парчиња. Од тортата со стиропор пробаа и уште три мали дечиња додека да откриеме што е. Сега се сите добри, но и јас и останатите родители ќе ја тужиме слаткарницата- вели таткото на двегодишното дете, трето по ред во семејството.

Неговиот син завршил со исечено грло од обидите да му го извадат стиропорот, се плаши во сон и веќе неколку дена, од петокот навака, одбива да јаде. Родителите случајот го пријавиле во полиција, а за тортата со стиропор е известена и Агенцијата за храна и ветеринарство.
“За случајот е направен записник и известен е јавниот обвинител”, велат од МВР , а случајот го испитува и Агенцијата за храна и ветеринарство.

Родителите безуспешно се обиделе да добијат објаснување од сопственичката на слаткарницата за стиропорот во тортата. За нарачката на тортата тие имаат пишан документ, оти целата комуникација одела преку е-пошта. Во ниту еден момент, како што велат, слаткарницата не ги предупредила дека во тортата ќе стават делови што не се за јадење.

 
 
07.09.2016 - 10:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега