Македонските деца во странство ќе продолжат да го учат мајчиниот јазик
Министерството за образование и наука и во следната 2013-2014 година ќе продолжи да организира настава на мајчин јазик за децата на граѓаните на Република Македонија кои привремено престојуваат во странство, информираше денеска министерот за образование и наука Спиро Ристовски.
Ристовски објасни дека во моментов во овој процес ангажирани се вкупно 16 наставници од кои 13 се на платен список на Министерството, а за останатите во процедура е обезбедувањето документација односно виза за престој по што ќе се регулира нивниот работен однос.
Согласно распоредот, за Сојузна Република Германија обезбедени се седум наставници од кои четири реализираат настава на македонски јазк, а тројца на албански наставен јазик.
Во Швајцарија има три наставници кои реализираат настава на македонски, во Кралството Шведска од 1981 година наставата во континуитет ја одржува еден наставик на македонски и на турски наставен јазик, а по еден наставник предава македонски јазик во Франција, Словенија, како и во Турција каде што првпат наставник е испратен во 2012 година.
- Во споменатите земји наставата на мајчин јазик ја следат околу 1.500 лица од РМ со привремен престој во странство од кои 1.150 се ученици, а 350 се повозрасни лица. Новина е тоа што во Австралија согласно меѓународен договор помеѓу МОН и Викторијанската школа во Австралија се избира наставник кој има задача да им помогне на наставниците кои веќе во рамките на редовното образование го изучуваат македонскиот јазик, рече Ристовски.
Тој појасни дека овој наставник ќе помага околу изготвување на курикули, како и за размена на искуства околу техники и методи со кои се работи во Македонија при изучување на македонскиот јазик.
Инаку, наставата по мајчин јазик се реализира во училишта во кои децата одат на редовна настава, во верски објекти, простории на општини и простории на здруженија на граѓани од РМ.
Министерството за образование ја следи работата на наставниците преку месечните извештаи кои тие треба редовно да ги доставуваат за своето работење заверени од дипломатско конзуларните претставништва на Македонија. Учениците кои редовно посетуваат настава на мајчин јазик добиваат свидетелства исто така заверени од дипломатско конзуларните претставништва.
МОН согласно одредбите од Законот за основно образование има обврска да организира настава на мајчин јазик за децата на граѓаните на РМ кои привремено престојуваат во странство. Наставниците кои реализираат воспитно образовна дејност од РМ во други земји се избираат преку јавен конкурс, а наставната програма е изготвена од Бирото за развој на образованието. Наставникот кој е избран за изведување на настава на мајчин јазик склучува договор на определено работно време за период од четири години и има статус на вработен на определено работно време во МОН.
Македонските граѓани кои се на привремен престој во странство интересот за следење на настава на мајчин јазик на нивните деца го пријавуват во дипломатско конзуларното претставништво на Македонија во соодветната земја.