Кастратовиќ: Нема да не залажат големите победи во Љубљана

 

Тренерот на ЖРК Вардар, Индира Кастратовиќ, е задоволна од изданието на нејзините избранички на неодамна завршениот турнир во Љубљана каде „црвено-црните “на убедлив начин го освоија трофејот „Винко Кандија“.

– Тоа што Вардар победуваше со голема разлика против екипи што некогаш биле европски прваци нема да не залаже. Прво, ова е почеток на сезона, и секоја екипа си ја темпира својата форма. Така беше и со нас, иако игравме без седум ракометарки. Најважно е што ние никого не потценивме, ниту пак размислувавме за ривалите. Се обидувавме да ја играме нашата игра, она што ни беше договорено и замислено. Тоа секогаш е нашата заложба. И девојките знаат дека секој меч е посебна приказна, за секој противник посебно треба да се подготвуваш, но најважно е сопствената игра да ја спроведеш на дело, изјави Кастратовиќ за официјалниот клупски сајт.

Вардар на овој турнир настапи само со 12 играчи, бидејќи шест ракометарки се на Олимпијадата во Рио, а со сериозни тренинзи се уште не почнала Андреа Лекиќ која закрепнува од операцијата на ногата.

– Со оглед на тоа што во екипата немавме седум ракометарки, нам најважното ни беше да видиме како ќе играме во одбрана, и да се сочуваме од повреди. Имавме напорни базични подготовки, и ова беа првите натпревари со топка. Очекувавме дека ќе ни биде напорно, особено што имавме на располагање само 10 играчи во поле и два голмана. Имавме тактички замисли што требаше да ги реализираме, и така се однесувавме на секој натпревар. Очекувам и во иднина да играме добро во одбрана, зашто таа секогаш е предуслов за победа, вели Кастратовиќ.

Вардар на турнирот во Љубљана победи три поранешни европски прваци. Во првото коло Хипо со 36:23, потоа Подравка со 35:19 и на крајот домаќинот Крим Љубљана со 30:25.

 
 
 
24.08.2016 - 15:43

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега