Повредени 36 лица во Скопје

За време на продолжениот викенд на подрачјето на СВР Скопје се случиле 33 сообраќајни незгоди, од кои во шест потешко се повредени  шест лица, во 14 со полесни повреди се здобиле 30 лица, а 13 поминале само со материјална штета. 

Како што информира за МИА самостојниот инспектор Драган Вељаноски од СВР - Скопје, во четвртокот сообраќајната полиција изврши увид во четири сообраќајни незгоди, од кои во една со потешки повреди се здобил еден сопатник, а полесно се повредени двајцата возачи, во  две полесно се повредени четири лица, а една поминала само со материјална штета. 

Во петокот сообраќајната полиција изврши увид во три сообраќајни незгоди. Од нив во една со полесни повреди се здобиле три лица, а во една е причинета само материјална штета. 

На 18 јуни, во сабота, извршен е увид во вкупно 14 сообраќајни незгоди од кои во една со тешки повреди се здобил еден сопатник, а еден возач и тројца сопатници се полесно повредени, во пет сообраќајки полесно се повредени осум лица, а осум сообраќајни незгоди поминале само со материјална штета.

Вчера сообраќајната полиција изврши увид на 12 сообраќајни незгоди, од кои во четири потешко се повредени еден возач на патничко моторно возило, еден сопатник, еден пешак и еден возач на мотоцикл, а полесно се повредени еден возач и двајца сопатници, во пет сообраќајки полесно се повредени шест лица, а три сообраќајки поминале само со материјална штета.

Сообраќајната полиција во изминатите четири дена откри и поголем број на прекршоци и санкционира 56 возачи кои со возилата се движеле со брзина поголема од дозволената, 23 возачи кои ги управувале своите возила под дејство на алкохол и ги се исклучи од сообраќај. Санкционирани се и 14 возачи кои за време на управување на моторните возила не го користеле сигурносниот појас или го користеле мобилниот телефон, како и 10 возачи кои за време на управување на велосипед со мотор, мопед и мотоцикл не го носеле заштитниот шлем. Со помош на специјалното возило пајак отстранети се 65 возила.

Денеска со почеток во 20 часот во СЦ „Борис Трајковски“ ќе се одржи концерт на музичката звезда Енрике Иглесијас. Сообраќајната полиција ќе преземе соодветни мерки за сообраќајно обезбедување, а по потреба и пренасочување на сообраќајот.

Од полицијата апелираат возачите кои имаат намера да дојдат на музичкиот концерт да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, знаците и наредбите што ќе им бидат давани од страна на униформираните полициски службеници, а доколку дојдат со сопствени возила да ги паркираат на околните дозволени паркинг простори.

 
 
20.06.2016 - 10:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега