Медиумски и новинарски организации на средба со претседателот Иванов

Претставници на пет новинарски и медиумски организации денеска се сретнаа со претседателот Ѓорге Иванов, на која, како што соопштија, е разговарано за можноста за продолжување на разговорите за медиумските реформи пред изборите, информираат во заедничко соопштение медиумските организации.

На средбата учествувале претставници на ЗНМ, на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Институтот за комуникациски студии (ИКС).

- Петте организации го пренесоа ставот дека сè додека не бидат спроведени медиумските реформи, во Македонија нема да има услови за слободни и кредибилни избори. Претставниците на организациите го информираа Претседателот дека во текот на следната недела ќе достават иницијатива за измени и дополнувања во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги до пратениците на Собранието на РМ, како вовед во сеопфатни и темелни реформи во медиумскиот систем, се вели во соопштението.

Целта на измените и дополнувањата на законот, наведуваат во соопштението, е да обезбеди независен и професионален регулатор, институционална автономија и уредувачка независност на МРТ, како и намалување на обврските и високите казни кон медиумите. - Исто така,  потребно е да се забранат владините реклами во медиумите. Петте организации истакнале дека за да се создадат услови за фер и демократски избори, покрај измени на медиумските закони е потребна и нивна целосна имплементација.

Според соопштението, претседателот Иванов изразил подготвеност да помогне во процесот и побарал листа на приоритетни теми за кои тој може да даде свој придонес.

 
 
25.03.2016 - 17:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега