ВМРО-ДПМНЕ: Манчевски призна дека не постоеле никакви посериозни забелешки во однос на методологијата за прочистување на избирачкиот список
За ВМРО ДПМНЕ е прифатлив кој било европски модел на Закон за медиуми кој ќе биде предложен од страна на СДСМ или Питер ван Хауте.
Вака од владејачката ВМРО-ДПМНЕ ја коментираат вчерашната изјава на потпретседателот на СДСМ и член во работната група, Дамјан Манчевски, кој рече дека тие се подготвени да отстапат од своите забелешки во однос на методологиите за прочистување на Избирачкиот список доколку останатите партии ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА го прифатат предлогот за медиумите.
–Прочистувањето на Избирачкиот список и реформата врз медиумите се основен предуслов за фер и демократски избори. Ако ова не е прифатливо за ВМРО- ДПМНЕ и останатите учесници во преговорите, тогаш тие не сакаат во Македонија да имаме фер и демократски избори, изјави Манчевски.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека со вчерашната изјава Манчевски признал дека не постоеле никакви посериозни забелешки во однос на методологијата за прочистување на избирачкиот список која што беше предложена од ДИК.
-Изјавата и практично доказ дека СДСМ тенденциозно го блокирале процесот со намера да ги пролонгираат и пробијат роковите и крајна цел да избегаат од избори. Уште поскандалозно е што Манчевски потврди дека СДСМ и натаму ќе се обидува да го покрива стравот од соочување со народот со нови непринципиелни уцени, коментираат од владејачката партија.
ВМРО ДПМНЕ потенцира дека за нив е прифатлив кој било европски модел на Закон за медиуми кој ќе биде предложен од страна на СДСМ или Питер ван Хауте.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа