Дневник: Обвинителите од регионот не одат на ручеци со странски амбасадори

 

Пред десеттина дена австралиската амбасадорка во Македонија, Џулија Фини, организирала ручек за специјалната обвинителка Kатица Јанева во Белград. На ручекот, освен амбасадорката и обвинителката, присуствувале и други нерезидентни дипломати кои Македонија ја покриваат од Србијa, пишува Дневник.

За ручекот информира австралиската амбасада и тоа преку статус на својот профил на Фејсбук, каде што беше нагласено дека во оваа пригода Јанева ги информирала амбасадорите за одговорностите и задачите што му претстојат на специјалното обвинителство. Оваа информација предизвика многубројни реакции во јавноста. Пред сè затоа што Македонија во статусот на Фејсбук е именувана како БЈРМ, но многу негативни коментари произлегоа од самата фотографија на специјалната обвинителка со дипломатите.

-Јавноста реагира затоа што во едно многу чувствително време, кога треба да покаже целосна независност, непристрасност и објективност на оваа институција од какви било влијанија, нејзиниот прв човек транспарентно се фотографира со странски дипломати и згора на тоа отворено информираат дека на ручекот Јанева зборувала за предизвиците со кои се соочува специјалното обвинителство, пишува весникот.

 Дали СЈО е навистина независно?

Сосема основано оттука се отвораат неколку дилеми: Дали работата на специјалното јавно обвинителство навистина е независна кога за тоа од прва рака се информираат странските амбасадори кои, пак, да не заборавиме, се дел од меѓународниот фактор кој цело време фигурира како т.н. олеснувач во спроведувањето на договорите од Пржино, меѓу кои еден од најкруцијалните е изборот на обвинителката? Kаква порака испраќа Јанева? Kому му ја испраќа? Сите овие дилеми не ја предизвикаа обвинителката да даде објаснувања. За Дневник во петокот од СЈО само кусо рекоа дека биле презафатени и не биле во можност да одговараат на новинарски прашања, а ќе се произнесат во текот на оваа недела.

Нема фотографирање со дипломати

Дневник се јавил во неколку обвинителства во регионот во врска со степенот на неформалност во релацијата со странските фактори во нивните земји. Одговор на Дневник дале од Специјалното јавно обвинителство за воени злосторства во Србија и од Државното обвинителство на Хрватска.

Нивните први луѓе никогаш не реферирале за својата работа на неформални средби со странски дипломати ниту, пак, јавно се фотографирале. Од кабинетот за односи со јавност на првиот човек на српското СЈО за воени злосторства, Владимир Вукчевиќ, информирале дека уште за време на почетокот на нивната работа во 2003 година се соочиле со напади од јавноста и новинарите поради комуникација со дипломатите во Србија. Но велат, како и тогаш, така и сега, одговорно тврдат дека средби и разговори имало само тогаш кога тоа било неопходно заради конкретни процеси врзани со други земји.

– Сега странските фактори во Србија ни се јавуваат само кога има некаква правна потреба во интерес на поглавјата што ги отвора земјава. Досега немало ситуација на истакнување на неформалните односи и комуникацијата на обвинителот со дипломати, односно немало воопшто. Евентуални фотографии постојат само од некакви правни конференции и трибини, но не и неформални ручеци и слично – велат од СЈО за воени злосторства. Хрватското јавно обвинителство беше прилично кусо во својот одговор. На нашите прашања портпаролката Мартина Михордин одговори дека обвинителството нема никакви информации оти досега имало какви било контакти на хрватски обвинители со странски амбасадор, пишува Дневник.

 
 
22.12.2015 - 09:57
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега