Телеграф: Лицата на фотографиите со Спасовски со дебели досиеја

 

Првоосомничениот за аферата со фалсификувани лични карти, Захир Бекири, на полицијата ѝ е познат и пред откривањето на последната афера со личните карти, објавуваат домашни медиуми.

Првоосомничениот Захир Бекири, чија сопруга е вработена во „Паркинзи на општина Центар“, претпријатие кое функционира како место за згрижување на партиските војници на СДСМ, на полицијата ѝ е познат и пред откривањето на последната афера со личните карти.

Зекири, нарекуван Чауш, по приведувањето е упатен да издржува казна затвор во времетраење од една година за кривично дело изнуда, последно дело што го извршил. Претходно, Бекири во девет наврати е пријавуван и кривично гонет. Осум дела за кои му се изрекувани и затворски казни, се поврзани со измами и фалсификување документи,пишува Телеграф.

Неговиот брат Имер Бекири, кој е второосомничен за фалсификувањето лични карти, на полицијата оперативно ѝ бил познат за дела поврзани со нелегалната трговија со наркотици. Нему од страна на надлежниот судија на претходна постапка, како мерка за обезбедување, му е одземена патната исправа за да не може да ја напушти територијата на Република Македонија.

Третоосомничениот Аднан Сума, кој има неколку фотографии во прегратки со технички назначениот министер Оливер Спасовски, во скопското подземје важи како прв и најдобар фалсификатор во државата. Против него во 19 наврати се поднесувани кривични пријави за најтешки дела.

Меѓу делата што му се ставале на товар во минатото се пријава за убиство уште во 80-тите години, разбојништво, тешки кражби, кражби на возила, насилничко однесување, загрозување во тепачка со опасно орудие, обљуба или противправен блуд и други тешки кривични дела.

Како што пренесовме вчера, „работилницата“ на Захир Бекири била вистинска фабрика за афери. Тој заедно со повеќе лица бил задолжен да креира лажни афери, со цел намалување на рејтингот на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ.

Бугарски пасоши

Според наши сознанија, групата подготвувала и други афери што требало да бидат објавени пред изборите, за да се урива рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ. Извори од истрагата рекоа дека досега биле проверени само 10 отсто од обемниот доказен материјал. Според она што било најдено таму, групата подготвувала и фалсификувани бугарски пасоши со имиња на државни функционери.

Целта била тие да се објават пред изборите и да се обвинат функционерите дека извадиле пасош од друга држава за да може да се влијае на гласачите и да се намали нивниот рејтинг.

Швајцарски сметки

Во компјутерите на осомничените биле пронајдени и урнеци за банкарски трансакции од швајцарски банки. Целта била во овие урнеци да се вметнат имиња и податоци на високи државни функционери и милионски суми. Потоа, тие фалсификувани урнеци би се испратиле до медиумите што ги контролира опозицијата за да може да се обвинат државните функционери дека префрлале десетици милиони евра во швајцарски банки.

 
 
21.12.2015 - 10:21

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега