Политичките партии не одлучуваат каде банките ќе ги пласираат своите средства

Банките имаат сопствена деловна политика и не треба да се мешаат во битките помеѓу политичките партии. Политичарите не одлучуваат каде банките ќе ги пласираат своите средства, тоа е деловна одлука- финансиските институции се децидни после утринската прес конференција на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој ги предупреди дека аукциите на државни хартии од вредност за кои нема согласност од дополнителниот заменик министер за финансии, Кире Наумов ќе бидат предмет на законско преиспитување, пишува Лидер.

„Како најголеми доверители банките мораат да имаат во предвид дека сите аукции на државни хартии од вредност коишто немаат согласност од дополнителниот заменик министер  за финансии, ќе бидат предмет на дополнително законско преиспитување, од аспект на нивно третирање како законски јавен долг“, рече Заев на прес- конференцијата.

Заканата на Заев упатена кон банките, кои во најголем број во земјава се со странски капитал, претставува закана која е далеку од секаква логика на фунцкионирање на моредна пазарна економија, амбиент каков што Македонија поседува на пазарот.

Ваквиот став на Заев и СДСМ кој претставува политички притисок, според  финансиските аналитичари може да има непредвидливи последици врз финансискиот пазар и воопшто деловниот амбиент во земјава. Законското преиспитување на деловните одлуки на банките кое го најави Заев, автоматаски го нарушува и угледот на банките кои фунцкионираат на пазарот, бидејќи со тоа тој директно упаѓа во нивното деловно функционирање и деловни одлуки.

Дополнително, истото ќе влијае и врз имиџот која Македонија последниве години го изгради како најдобра дестинација за водење бизнис , 12-та во светот и 6-та во Европа (според извештајот на Дуинг бизнис).

Предупредување попладнево испрати и гувернерот на Народната банка на Македонија, Димитар Богов. Според Богов, политичките притисоци врз банките се недозволиви и неспоиви со пазарната економија, а имајќи предвид дека најголем дел од банките се во странска сопственост, политичкиот притисок може да има катастрофални последици врз перцепција за деловниот амбиент и врз нивните планови – предупредува гувернерот.

Од Народната банка потсетуваат дека деловните банки имаат целосни слобода и право самите да одлучат каде ќе ги пласираат своите ликвидни средства, согласно со својата деловна политика.

Бишев: Банките си имаат своја деловна политика и тие носат одлуки

Банките сами носат одлуки каде ќе ги пласираат своите средства, согласно со своите деловни политики, вели угледниот банкар Глигор Бишев.

„Банките си имаат своја деловна политика и тие носат одлуки. Сите банки од ЕУ имаат лимити за тоа колку можат да бидат изложени кон државата. Меѓутоа, банките не се единствени купувачи на хартии од вредност, тука се инвестициските и пензиските фондови, како и компаниите и граѓаните, и од тој аспект функционирањето на пазарот на капитал и неговата стабилност е од битно значење“, објаснува претседателот на Управниот одбор на Шпаркасе банка, Глигор Бишев.

Бишев вели дека странските банки присутни на македонскиот пазар имаат лимити на ниво на групација, а потоа и на ниво на Република Македонија. Одлуките за ивестиции најмногу зависат од нивото на нивната ликвидност и од нивото на капиталот на банките.

Аукцијата успешна и покрај обидите на СДСМ да ја саботира

И покрај напорите на опозициската СДСМ да стави вето и да ја блокира аукцијата на државни хартии од вредност, истата денеска успешно беше реализирана. Со денешната аукција на државни записи не се задолжуваат граѓаните со „нови“ 100 милиони евра. Се покажа дека ова тврдење на  СДСМ е неточно и дека очигледно опозициската партија имала интенција за политичко поентирање. Аукцијата на државни записи која се одржа денеска е во рамки на буџетот за 2015 година, предвидена уште пред повеќе од една година кога се гласаше буџетот и кога воопшто не ни беа најавени изборите. Значи, не станува збор за дополнителна, непредвидена аукција, туку аукција предвидена и со буџетот и со календарот на аукции.

Министерството за финансии соопшти дека на денешната аукција продадени се државни хартии во вредност од 4,47 милијарди денари или 73 милиони евра. Како што наведуваат од ресорот, на аукцијата, која успешно се реализираше, државни хартии од вредност купија банки, осигурителни компании, пензиски фондови и штедилници.

Со реализација на аукцијата се обезбедуваат ликвидни средства за исплати кон стопанството и граѓаните, како што и беше планирано со буџетот за 2015 година.

Во текот на декември по основ на стари, доспеани за враќање, хартии од вредност Министерството за финансии ќе им врати на банките 84,6 милиони евра или 5,2 милијарди денари.

Додека СДСМ неосновано обвинува- Македонија има четврт најнизок државен долг во Европа

Според пресметките на Еуростат, Maкедонија е четврта најмалку задолжена земја во Европа. Земјава во третиот квартал од 2015 година имала државен долг од 36% од БДП. Помалку задолжени од Македонија се Естонија, Луксембург и Бугарија. Македонија четвртото место го дели со Латвија. Бројките се показател за успешноста на економските политики и потврда дека Владата одговорно се однесува кон идните генерации.

Нискиот долг Македонија успеа да го одржи во услови на глобална економска и должничка криза, но и во време на капитални инвестиции во инфраструктурата. Македонија навремено ги сервисира обврските, редовно се исплаќаат плати, пензии, социјалните трансфери (нешто што порано не беше случај), капиталните инвестиции се зголемуваат со што се отвора работа за домашниот бизнис, се инвестира во развојот на целата држава. Буџетот е во здрава кондиција- што е доказ за добрите финаниски политики.

 
 
01.12.2015 - 16:29

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега