МФ: Со аукцијата на државни записи граѓаните не се задолжуваат со „нови” 100 милиони евра

Со денешната аукција на државни записи не се задолжуваат граѓаните со „нови” 100 милиони евра. Ова тврдење на опозициската партија СДСМ е неточно и очигледно со интенција за политичко поентирање, истакнува Министерството за финансии во писмената реакција на прес-конференцијата на претседателот на СДСМ.

Во реакцијата се наведува дека Министерството за финансии претходно објаснило дека во декември треба да се раздолжи, односно да исплати доспеани обврски во висина од 234 милиони евра од кои 84 милиони евра по основ на стари аукции на државни записи кои сега треба да се отплатат, а 150 милиони за еврообврзницата издадена во 2005 година, а која треба да се исплати на 8 декември.

- Да потсетиме и дека државните хартии од вредност се воведени уште од 2004 година и претставуваат фискални инструменти за извршување на буџетот кои се користат секаде во светот. Тие се издаваат редовно и континуирано и служат за порамнување на билансот на буџетот. Аукцијата на државни записи, која се одржува денеска е во рамки на буџетот за 2015 година, значи предвидена уште пред повеќе од една година кога се гласаше буџетот и кога воопшто не ни беа најавени изборите. Значи не станува збор за дополнителна, непредвидена аукција, туку аукција предвидена и со буџетот и со календарот на аукции од многу порано, се појаснува во реакцијата.

Министерството посочува дека со денешната аукција се обезбедува потребната ликвидност за спроведување на буџетот, како што и било планирано.

- Пензиите ќе се исплатат во планираниот рок, односно во петок, ќе се исплатат платите за војската, полицијата, здравствените и образовните работници, субвенциите, капиталните инвестиции... Со попречувањето на аукцијата, единствено нешто што можеше да се постигне е запирање токму на овие исплати, вели Министерството за финансии.

Оттаму ја повикуваат опозициската СДСМ да не се меша во деловната политика на банките и стопанските субјекти. Министерството, како што се вели во реакцијата, и понатаму ќе продолжи со реализација на буџетот согласно законот донесен од Владата и Собранието на РМ.

 
 
01.12.2015 - 13:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега