Грција во загуба поради поради блокадата на пругата на границата со Македонија

Околу 1.800 вагони се блокирани на територијата на Грција и надвор од земјата, поради блокадата на железничката линија на границата со Македонија, изјави извршниот директор на грчката железница „Траиносе“, Танасис Зилиаскопулос.

Во изјава за телевизијата Скај, тој додаде дека во Солун и Атина се блокирани уште четири возни композиции, и оти загубата за Траиносе досега достигнала околу 1,5 милиони евра.

Големи клиенти на грчкиот железнички оператор, како што се „Коско“, „Хјулит Пакард“ и „Сони“, како и увозни компании, веќе изразиле незадоволство и предупредиле дека поради претстојните Новогодишни празници ќе произлезат многу проблеми на пазарот. Во исто време големи странски компании кои ја користат мрежата на грчката железница, се закануваат дека ќе ја прекинат соработката со Грција.

Грчките медиуми јавија дека незадоволство изразуваат и локалните фирми кои не можат да ги добијат своите производи. Една од нив алармирала дека во блокираните вагони има околу 1.500 тони шеќер, горива, суровини, електроника, но и замрзната храна, наменети за голем ланец супермаркети, и оти божиќните понуди веќе се објавени, а стоките не можат да стигнат до продавниците.

Економските мигранти на кои им е забранет влез од Грција во Македонија, на преминот Гевгелија-Идомени, од 18. ноември ја блокираат пругата на железничкиот Коридор 10, барајќи од ЕУ да ги отвори границите и за нив, како што тоа го направи и за бегалците од подрачјата кои се зафатени со војна.

 
 
01.12.2015 - 12:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега