ДИК ја вразуми СДСМ: Ветото за пензиите е отфрлено

Државната изборна комисија ја вразуми опозициската СДСМ. Ветото на дополнителниот заменик – министер Кире Наумов, кое се закануваше да ја доведе во опасност исплатата на платите, пензиите, социјалните трансфери и реализацијата на капиталните инвестиции е отфрлено. Со мнозинство гласови, членовите на ДИК потврдија дека аукцијата на државните хартии од вредност нема да влијае на изборниот процес, што беше и главната теза на СДСМ, наспроти тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека СДСМ прави обид да создаде хаос во државата, пишува Лидер.

-Државната изборна комисија постапувајќи по барањето на министерот за финансии за донесување одлука, согласно член 48 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Владата на Република Македонија, со мнозинство гласови од вкупниот број членови одлучи дека емисијата на државни хартии од вредност и државни записи од страна на Министерството за финансии на домашниот пазар на хартии од вредност не претставува акт или документ кој се однесува на правни, финансиски и кадровски прашања поврзани со организација на изборите. Одлуката на Државната изборна комисија е конечна, стои во дописот од ДИК.

Ставрески: Се изборивме за пензионерите

Пензионерите можат да здивнат, во петок ќе им легнат парите од ноемвриската пензија. Нема повеќе опасност, бидејќи со одлуката на ДИК се оневозможува ова прашање повеќе да се политизира.

-Сметам дека ДИК донесе правилна и добра одлука, целосно аргументирана. Ова претставува редовен начин на финансирање на буџетот. Ова е добра вест за пензионерите, бидејќи се изборивме да ги добијат парите, добра вест е и за војската, полицијата, здравствените, образовните и културните работници, добра вест за стопанството во однос на повратот на ДДВ, вели министерот за финансии Ставрески.

Пензионерите веќе предупредија дека не смее да се дозволи да се доцни со исплатата на пензиите, бидејќи се работи за околу 300 илјади луѓе.

-Последниве години пензиите за претходниот месец се исплаќаат редовно, до 6-ти наредниот месец. Ако се доведе во прашање исплатата на пензиите за овој месец ќе дојде до голем проблем меѓу пензионерите и граѓаните на Република Македонија. Тоа ќе биде навистина револт, затоа што тоа е една нормална работа да се примаат пензиите навремено, порача претседателот на Сојузот на здруженија на пензионери, Драги Аргировски.

Што сакаше да постигне СДСМ?

Исплатата на платите, пензиите, социјалната помош, реализацијата на капиталните инвестиции беше доведена во прашање откако дополнителниот заменик – министер, Кире Наумов од редовите на СДСМ, донесе одлука да стави вето на аукцијата на државните хартии од вредност. Според СДСМ, ваквата одлука имала за цел да оневозможи изборна корупција.

Вицепремиерот Ставрески веднаш ја предупреди јавноста дека се работи за кршење на законот, бидејќи издавањето на државните хартии од вредност е предвидено со буџетот за 2015 година, изгласан од Собранието и претставува нормална практика.

-Се работи за вообичаен начин на работа и редовно финансирање на буџетот кое што има за цел да го покрие временскиот јаз меѓу приливот на средствата во буџетот и расходите на средства, кои се најголеми на почетокот на месецот кога се исплаќаат плати, пензии, социјални надоместоци, поврат на ДДВ и слично, додека приходите доаѓаат подоцна во месецот кога фирмите имаат законска обврска на 15 и 25 во месецот да ги уплатат даноците, објасни Ставрески.

Уште еден аргумент во однос на тврдењето дека не се работи за ново задолжување, туку за обично рефинансирање, е фактот што неделава е предвидена продажба на државни записи во вредност од 100 милиони евра, а потоа доспеваат за исплата стари записи во вредност од 84,6 милиони евра.

Да биде иронијата поголема, и СДСМ во својот мандат го практикуваше ваквиот начин на работа.

-Кога тие го правеа истото, тоа беше нормален начин на финансирање, кога тоа го прави ВМРО-ДПМНЕ, се обвинува за неодговорност. Впрочем, на овој начин се финансира на пример и германската Влада, тоа се прави во сите земји во Европа, објаснува Ставрески.

Податоците на Евростат го демантираат СДСМ

Европската служба за статистика пресмета дека нашата земја е четврта најмалку задолжена земја во Европа и со тоа практично стави крај на сите шпекулации и обвинувањата од страна на опозицијата дека земјава е презадолжена и на работ на банкрот.

Според Евростат, Македонија со државен долг од 36% од БДП во третиот квартал била четврта најмалку задолжена во Европа. Пред нас се само Естонија, Луксембург и Бугарија, а ние, четвртото место го делиме со Латвија.

Евростат го демантираше СДСМ дека власта се однесува недомаќински и расипнички, што беше главниот аргумент за ветото на Наумов кое ги доведе во прашање исплатите од буџетот и се закануваше да ги поремети финансиските текови.

-Кога ВМРО-ДПМНЕ дојде во Владата државниот долг што го остави СДСМ беше речиси 40 проценти од БДП, а сега е 36 проценти од БДП. Овој долг според Евростат е четврт најнизок долг во Европа, по Естонија, Луксембург и Бугарија,  вели премиерот Груевски.

 
 
01.12.2015 - 09:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега