Ставрески: Пензионерите можат да бидат мирни - ветото е тргнато, пензиите ќе се исплатат

Пензионерите можат да бидат мирни и спокојни како и досега. Девет години како што исплаќавме редовно пензии ќе продолжиме и понатаму, и сега овој петок пензионерите ќе си ја добијат заслужената пензија. Ова го изјави министерот за финансии Зоран Ставрески во дневникот на Сител телевизија.

- Фактот што успеавме да се избегне политизацијата на ова прашање и што е донесена вечерва одлука на ДИК е во директна корист за граѓаните коишто чекаат средства од Буџетот, рече Ставрески.

Додаде дека и субвенциите кон земјоделците ќе може да се реализираат согласно предвидената динамика и, како што нагласи, денес, утре и во наредните денови ќе има исплата на субвенции.

- Исто така  платите на војската, на полицијата,  на здравствените работници, на  образовните работници,  на сите други коишто примаат средства од Буџетот ќе бидат исплатени редовно почнувајќи од утре па во наредните десетина дена, како и исплатата на социјалната помош, а за стопанството ќе биде редовно вратен ДДВ, она што е најважно за  фирмите, како и исплатата на фактурите од Буџетот за извршените градежни и други работи, рече министерот за финансии.

Според него, ова внесува стабилност во економијата, сигурност за сите граѓани и сите фирми да се чувствуваат  постабилно и да знаат дека  Буџетот ќе се извршува како што и досега се извршуваше  во корист на граѓаните и на стопанството.

 
 
30.11.2015 - 21:21

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега