Грижата за старите продолжува: Отворен дом за стари лица во Берово

Во општина Берово денеска беше отворен нов дом за стари лица, со квалитетни и модерни услови  за згрижување. Приоритет за сместување во домот ќе имаат лицата со пониски  примања и кои се во потешка здравствена состојба, пренесе МИА.

- Потребата од институции кои ќе овозможат 24-часовна грижа за старите лица не мотивираше да започнеме активности за отворање на ваква специјализирана институција овде, во општина Берово. Се работи за прв старски дом кој е општинска јавна установа, кој се отвора  во општина Берово, изјави министерот за труд и социјална политика Диме Спасов кој присуствуваше на отворањето на домот. 

Спасов го пофали ангажманот на беровскиот градоначалник Драги Наџински за тоа што еден стар и руиниран објект се преобрази во модерна  институција.

- Би сакал да му честитам за посветеноста за наоѓање доволно средства  преку донатори за да се реновира целосно овој објект, додека пак Министерството за труд и социјална политика  целосно го опреми објектот  со соодветна опрема  за 24-часовно згрижување на старите лица. Се работи за инвестиција од околу 140 илјади евра  во прва фаза и понатаму се продолжува со изградба на втор објект кој ќе овозможи двојно зголемување на капацитетот за згрижување на стари лица, додаде Спасов.

Министерот истакна дека МТСП ќе продолжи со активностите за зголемување  на капацитетот на домовите за стари лица во целата држава  и за отворање нови, а воедно и за подобар квалитетот на услугите  што ги даваат домовите со цел да се  зголеми стандардот на животот на највозрасните граѓани во земјава. Соопшти дека во изминатите неколку месеци се продадени четири локации за изградба на старечки  домови. Една од нив е локацијата во Пехчево каде што купувачот на објектот, кој порано беше амбуланта, има обврска во период од две години да отвори дом за стари.

Продадени се и локации за изградба на старски домови во Охрид, во општина Илинден и во Аеродром, а набрзо ќе излезе јавен повик и за продажба на локација во општина Петровец, во Катланово, исто така и во Богданци.

Спасов во оваа пригода потсети и на другите проекти за оваа категорија граѓани кои ги спроведува МТСП, како бесплатната бањско-климатска рекреација, бесплатен туристички викенд, зголемувањето на пензиите. 

Градоначалникот на Берово Наџински изјави дека зградата во која е сместен домот до пред година и пол бил руина и во сопственост на РМ. По барање на општина Берово до Владата на РМ, објектите и биле отстапени без паричен надомест на општина Берово. 

- Предложивме овие згради да бидат реконструирани во објекти кои ќе даваат услуги за потребите на граѓаните од источниот дел на РМ, т.е. да изградиме старечки дом кој ќе биде во споственост на општината притоа изнаогајќи средства преку холандско-македонската хуманитарна фондација да се реконструира објектот. Целата опрема во домот е обезбедена токму од Министерството. Капацитетот на првиот павилјон е 15 лица. Вкупната инвестиција е 140 илјади евра од кои 110 илјади евра беа обезбедени од фондацијата,  30 илјади евра беа обезбеден до МТСП, истакна Наџински.

 

 

Оцени ја веста

12.09.2015 - 18:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега